[Рецензија: „Мистериозно“ слетување на затворениот аеродром во Скопје: Што донесе карго-авионот од Виена?!]
Текстот што го рецензираме истражува случај на слетување на мал карго-авион на скопскиот аеродром откако Владата објави дека тој ќе биде затворен согласно мерките за заштита од ширењето на епидемијата на корона-вирусот. Написот не ги објаснува причините зошто е важно да се дознае зошто слетал овој авион и зошто ова слетување во текстот е оквалификувано како „мистериозно“, иако е добиена потврда од официјална инстанца дека навистина имало таков лет и оти за него постои валидна одлука на Владата. Несомнено дека е легитимно новинарот да бара транспарентност на постапките на Владата, меѓутоа не и тенденциозно и без ниту трошкс основа да шпекулира за нив.
Линк до оригиналниот напис: „Мистериозно“ слетување на затворениот аеродром во Скопје: Што донесе карго-авионот од Виена?!
Датум и време на објавување: 22.3.2020
Датум на рецензирање: 23.3.2020
Рецензент: Југослава Дуковска
ДЕТАЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА ЛЕТОТ
Новинарското истражување на овој случај е детално, дури би рекле доста екстензивно и тоа овој текст го прави донекаде интересен за читателската публика. Тргнувајќи од сознанија што наводно се добиени за конкретно слетување на мал карго-авион на скопскиот аеродром на 19 март годинава, во написот се дадени цела низа податоци за самиот лет, за дестинациите од каде до каде патувало конкретното летало тој ден, кој е сопственик и така натаму, заедно со скрин-шотови од веб-страниците на кои можат да се добијат прецизни информации за патеката, времето на полетување и слетување, типот на авионот, името на сопственикот и слично. Овие податоци на написот му ја даваат потребната доза автентичност и кредибилност.
Исто така, во обид да се добијат потребните информации за причините зошто авионот воопшто слетал на скопскиот аеродром, контактирани се сите релевантни инстанци и како резултат на таа истрага е дојдено и до официјална потврда за тоа дека настанот навистина се случил, кaко и објаснување зошто овој случај е изземен од општата забрана за авионски сообраќај на скопскиот аеродром.
Се работи за Карго-лет, кој согласно одлуката од седница на Владата на Република Северна Македонија број 44-2147/4 од 16.3.2020, како и објавата во „Сл. Весник“ број 66, и НОТАМ-от број 141, кој стапил ВО сила на 18.3.2020 година за затвореност на Интернационалниот аеродром Скопје, се исклучок од забраната за слетување. Во однос на прашањето за тоа што носел воздухопловот ќе мора да се обратите до ТАВ ДООЕЛ Скопје, бидејќи ние не поседуваме такви информации.
Се вели во одговорот добиен од М-НАВ.
Во официјалниот допис од М-НАВ стои дека се работи за исклучок од забраната за слетување. Еве кои се исклучоците предвидени со одлуката на Владата за затворање на аеродромот:
Се затвора Меѓународниот Аеродром Скопје и граничниот премин на овој аеродром по истек на 48 часа од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, освен за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и летови без патници за позиционирање на воздухоплови, со претходна најава до аеродромскиот оператор ТАВ Македонија ДООЕЛ, а АД М-НАВ Скопје да издаде НОТАМ препорака за истото.
Што значи дека овој лет бил поради една од горенаведените причини.
Во написот се тврди дека за овој текст било побарано појаснување од Владата што донел овој карго-авион за да треба да биде исклучок од одлуката за затворање на меѓународниот аеродром во Скопје, но дека оттаму до објавувањето на текстот не е добиен одговор.
СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ И ИЗНАСИЛЕНИ ШПЕКУЛАЦИИ
Дотука, се чини, е одработено професионално, во согласност со новинарските принципи. Медиумите и постојат за да ги поставуваат вистинските прашања до надлежните и да бараат одговори за она што е јавен интерес. Но, токму затоа се јавува дилемата: колку е за јавноста неопходна информацијата што носел авионот што слетал од Виена, во време кога во Македонија е воведена вонредна состојба поради епидемијата на вирусот на Ковид-19? Уште повеќе ако се знае дека за реализација на овој лет одлучувала Владата во услови на вонредни околности, што значи дека тој бил оправдан и потребен.
Но, ова не е и единствената слабост на написот, тој си дозволува да пласира и вакви конструкции:
…што порачала владата да стигне во Македонија и дали можеби се работи за медицинска опрема или пак за кеш пари за некој од тајкуните во власта, влез кој би морал да биде дозволен во владата?
Со оглед дека во земјава беснее епидемија на корона, првата претпоставка, дека се работи за медицинска опрема, делува логично, но втората, дека авионот носел кеш-пари за неименуван „тајкун во власта“ звучи сосема депласирано и надвор од логиката, секако, доколку не биде презентиран релевантен доказ или барем не се даде добра причина за вакво сомневање. Знаел ли медиумот дека некој нарачал пратка со пари со овој лет, одобрен од Владата и како дошол до таа информација? Ако знаел, тоа би требало да се наведе во текстот. Вака, оваа шпекулација прозвучува шупливо и како гол сензационализам без никаква основа.