Вонземјани ја киднапираа точноста на веста

 [Рецензија: Професор тврди дека вонземјани киднапираат Бугари ]

Текст објавен без никаква поента, наменет само за залажување на јавноста. Преку предизвикување страв, а истовремено со разгорување на љубопитноста на читателите, намерата е да се соберат кликови наместо суштински и точно да се информира.

Линк до оригиналниот напис: Професор тврди дека вонземјани киднапираат Бугари

Датум и време на објавување: 12.5.2019

Датум на рецензија: 19.5.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Без никаков релевантен доказ, потврда и извор, во текстот е изнесена шпекулација дека вонземјани киднапираат Бугари! Единствениот извор за оваа „вест“ е тврдењето на некој бугарски професор. И толку. Тука завршува целата проверка за вистинитоста на информацијата.

И притоа не се внимава дека заради билдање на читаност се прекршува етичкиот кодекс, затоа што вакви написи предизвикуваат страв, паника, загриженост и вознемиреност кај читателите.

Освен што текстот е неетички, тој е и непрофесионален, односно штур. Освен еден извор, за кој не се знае дали е релевантен, нема одговор на сите други прашања кои ги покренува напишаното. Нема сведоштва од лица што ги виделе киднапирањата, ниту сведоштва од роднини на тие што се наводно киднапирани. За ваков сериозен проблем не се прашани за став ниту бугарските надлежни институции. Исто така, нејасно е на што се темели тврдењето дека „вонземјаните се заинтересирани за повозрасни лица и деца“.

Најпроблематично е што веста потекнува од државната новинска агенција МИА, која прва ја објавила, а потоа други портали целосно ја презеле без да ја проверат или да размислат дали заслужува да ѝ биде пласирана на јавноста.

Една од основните задачи на новинарите е да внимаваат да не пласираат непроверени и искривени факти без разлика со која цел го прават тоа.

Новинарот, според Член 1 од Кодексот на новинарите, треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно, а доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.