[Рецензија: И професор Јанев против бодови за Тамара на Евросонгот]
Меѓу текстовите со кои граѓаните и дијаспората се наведуваат да не ѝ дадат бодови на нашата претставничка на Евросонгот се издвојува и тој што е објавен на порталот EXPRES.MK, а кој е предмет на нашата рецензија. Во него се посочува ставот на професор Игор Јанев, кој не го признава Преспанскиот договор и веројатно во тој контекст бара од македонската дијаспора да не гласа за нашата претставничка на Евросонг.
Линк до оригиналниот напис: И професор Јанев против бодови за Тамара на Евросонгот
Датум и време на објавувањето: 16 мај 2019
Датум на рецензирање: 19 мај 2019
Рецензент: Љубомир Костовски
Да појасниме дека според прописите на оваа музичка манифестација ,ТВ-публиката не може да гласа за композиција од својата земја, со што тие што учествуваат во телевоутингот надвор од границите на својата матична земја се во „привилегирана“ позиција. Во случајот со песната на Тамара Тодеска – Proud, очекувањата за гласање се врзани главно за дијаспората. Оттаму сугестијата на професорот е упатена кон нив.
Но, кој е професор Јанев? Зошто е неговата сугестија важна? Пред сè, ако неговиот став е значаен за да има место на порталот, тој треба да се претстави, бидејќи за најголем дел од читателите е непознат. Во такви околности се проблематизира релевантноста на изборот на медиумот на нечиј став или оценка. Или, намерно се оди на тоа дека во таков случај она „проф.“ станува единствен доказ за опстојноста на изборот!
Впрочем, недостаток на текстот е и тоа „И“ во насловот, бидејќи се сугерира дека посочениот противник на Преспанскиот договор е еден од некакво мнозинство, кој на пејачката Тамара Тодеска ѝ посакува лош исход на настапот во Тел Авив. Дали се мисли на некој професорски аудиториум, па Јанев станува некаков прилог за потребен кворум на противниците на нашиот успех на Евросонгот? Во секој случај, сериозен недостаток на текстот е што го нема и оправдувањето на користењето на плуралот во насловот, кој просто не е објаснет, како и што нема одговори на многу други, веќе наведени прашалници во рецензијата.
Оттаму, написот не ги задоволува критериумите да биде значајна вест, а текстот се претвора во дел од некаква пропаганда во земјата во однос на тие што настапуваат во светот со уставното име Република Северна Македонија.