Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Евротинк – Центар за европски стратегии организираа промоција придружена со дебата на резултатите од истражувањето спроведено во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој се спроведува со поддршка од Европската Унија.
На настанот истражувачкиот тим ги претстави финалните наоди од истражувањето спроведено на државно ниво во текот на 2018/ 2019 година. Целта на истражувањето беше да даде појасна слика за состојбата со медиумската писменост, навиките за информирање, како и способноста за критичко размислување кај младите во нашето општество. Истражувањето беше спроведено во две етапи со користење две истражувачки алатки:
- Четири фокус-групи (три со студенти и една со едукатори);
- Теренско анкетно истражување со над 300 студенти од три универзитети во РСМ („Св. Кирил и Методиј“- Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово).
На презентацијата учествуваа претставници од соодветните ресори од Министерството за образование; АВМУ; Бирото за развој на образованието; Државниот просветен инспекторат; Педагошкиот завод.
Покрај изложувањето на клучните наоди добиени од истражувањето во врска со трендовите на примање информации и односот кон различните типови извори за информирање кај младите, по пат на интерактивна дискусија беа трасирани следните чекори што треба да се преземат за да се подобри состојбата со вештините за критичко размислување и односот кон информациите што младите ги примаат преку различните извори. Присутните претставници од заинтересираните страни ги оценија наодите и самото истражување како корисни, кои даваат детаљна слика за младите и нивните знаења и вештини поврзани со медиумската писменост. Заедничка констатација беше дека е нужно да се зголеми и зајакне наставната програма за медиумска писменост во повеќе предмети од општествените науки во средното и основното образование. Претставниците од АВМУ ги најавија своите веќе планирани активности на оваа тема за 2019 година и побараа од присутните нивна поголема вклученост во нив, како и поголема меѓусекторска координација и интерактивност во насока на заеднички активности за унапредување на медиумската писменост не само кај младите, туку и кај сите граѓани. На завршетокот на настанот беа договорени идните заеднички чекори и активности со кои ќе се анимираат надлежните институции, но и меѓународната донаторска заедница во насока на унапредување на состојбите во оваа сфера.