Животот на бебињата во инкубатор на ГАК не бил во опасност

[Рецензија: Животот на бебињата во инкубатор во опасност – на ГАК снемало струја, агрегатот не се вклучил]

Текстот што го рецензираме уште во насловот шири паника и ја дезинформира јавноста дека животот на бебињата што се во инкубатор на Клиниката за гинекологија и акушерство, наводно, бил во опасност бидејќи снемало струја. Но, наспроти ваквото тврдење, од Клиниката испратија демант до медиумите во кој се нагласува дека „ниту едно од критичните новороденчиња во инкубатор не беше доведено во животозагрозувачка состојба ниту, пак, дојде до влошување на нивната првобитна здравствена состојба откако вчера попладне имаше краток прекин на електрична енергија“.

Линк до оригиналниот напис: Животот на бебињата во инкубатор во опасност – на ГАК снемало струја, агрегатот не се вклучил

Датум и време на објавување: 3.12.2019

Датум на рецензирање: 3.12.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Кога снемало струја на Клиниката за гинекологија и акушерство агрегатот не се вклучил и целиот оддел останал без струја, дознава Алфа од извори на клиниката. Според истите извори, во моментот се случувале и оперативни зафати.

Текстот, иако е пренесен од друг медиум, шири дезинформации во врска со состојбата на животот на бебињата во инкубатори на Клиниката за гинекологија и акушерство, како и за оперативните зафати што се извршувале во моменти на недостаток на струја. Со ваквиот начин на известување за состојбата на пациентите се шири паника помеѓу граѓаните, особенот тие што имаат роднини или пријатели на споменатата клиника.

Од Клиниката, пак, ги демантираа овие пишувања и информираа дека „сите новороденчиња на одделението за интензивна нега и терапија се стабилни“.

Службите веднаш реагираа и во најкус временски период ситуацијата беше ставена под контрола. На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство има повеќе механизми за заштита и безбедносен систем, а секој витален апарат е поврзан на UPS, опција што е во функција додека не се вклучи агрегатот. Уште еднаш ја уверуваме јавноста дека ниту еден процес на клиниката не беше загрозен во кусиот период кога ЈЗУ ГАК остана без напојување со електрична енергија, се вели во ДЕМАНТОТ на ГАК.

Имајќи предвид дека се работи за чувствителни информации, кои се однесуваат за здравствената состојба на луѓето згрижени на споменатата клиника, вистината за состојбата требало да биде проверена во ГАК. Официјалниот став од клиниката во вакви случаи е задолжителен, наместо медиумот да се повикува на неофицијални извори. Обвинувањата искажни во написот се премногу сериозни и морало да бидат проверени во ГАК.