Зоран Заев ни формално ни суштински не може да се оквалификува како „предавник на народот“

Пост со фотографија на која се наоѓаат Гоце Делчев и Зоран Заев со делумна вистина стана многу вирален за последните 24 часа. Над фотографиите на Делчев и Заев стои текстот:

Секој народ си има свој херој (и свој – н.з.) предавник

Постот во кој што „херој“ е испишано над ликот на Делчев, а „предавник“, испишано над ликот на Заев, е делумна невистина.

Додека за Гоце Делчев нема сомневање дека е херој и оти дека како таков е оценет во литературата, во историјата, во секојдневниот политички речник и граѓански речник, како и во химната на државата, Зоран Заев никаде не е прогласен за предавник, официјално. Такво нешто може да се случи само во услови на предвоена или воена состојба или, пак, во некоја сериозна кризна ситација, каде што дотичниот би „употребил сила или закана со сила“. Ова кривично дело во Кривичниот законик (КЗ) е одбележано како „велепредавство“ и спаѓа под главата „Кривични дела против државата“. Членот 305, гласи:

Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори највисоките државни органи, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Дури и другите членови од КЗ да се разгледаат, каде што потенцијално Заев би бил предавник, дури и да не е именувано така кривичното дело, не можат да се најдат елементи за тоа. Ниту ги загрозил државните граници, ниту признал окупација, ниту оддал воена или државна тајна на непријател, ниту ја загрозил независноста, ниту, пак, сторил друго дело што би го квалификувало како предавник.

Заев е долгогодишен политичар кој бил, и е, на чело на влада, која потпишала два билатерални договора со кои се решија долгодеценски спорови со Бугарија и Грција. Тоа што во првиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка стои член дека ќе се формира Комисија за образовние и историски прашања и дека во моментов на дневен ред на Комисијата се наоѓа ликот и значењето на Гоце Делечев за двете страни, не го прави Заев предавник. Ниту, пак, го прави предавник тоа што се донела политичка одлука изгласана и во Собрание, за промена на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија, како еден од елементите за затворање на спорот со Грција.

Се разбира дека граѓаните приватно можат да го доживуваат како „предавник“, но тој де факто тоа не е, ниту формално ниту суштински. Зашто, за да се квалификува дури и неформално како предавник на народот, треба да постојат цврсти аргументи дека ѝ наштетил трајно на државата и нејзините граѓани. Такви цврсти аргументи нема, иако за голем дел од граѓаните, без оглед дали се или не се симпатизери на опозицијата, не е проблем да го квалификуваат Заев како предавник.

Конечно, квалификацијата предавник е опасна квалификација кога се изнесува во јавниот говор и таа е дел од говорот на омраза, кој може да предизвика злосторство од омраза. Слободата на говор не е безусловна и таа слобода не смее да ја премине границата на подбуцнувачкиот или говорот на омраза.

Постот со содржина во која Заев наспроти Делчев е означен како предвник на народот, иако е ставен на 2 јули на социјалната мрежа ФБ, само за последните 24 часа бил споделен 90-ина пати, од што најмногу на 14 и 15 септември, а погледнат бил повеќе од 11 илјади пати. Причината е јасна – вчерашниот (на 15 септември), протест на опозицијата за „одбрана на ликот на Гоце Делчев“. Тој дел од постот, во кој Заев се нарекува предавни, е невистина, покрај тоа што содржи и елементи на говор на омраза, а тоа може да се види и во дел од коментарите кај тие што го споделиле, и токму затоа беше одбран за рецензија од страна на „Вистиномер“.(vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.