Поради непостоење извори, непостоење можност да се провери нивниот кредибилитет во однос на вистинитоста на она што го тврдат, нафрлените фотографии од коментари што би можел секој да ги напише, не претставуваат доказ дека од вакцината се умира во Србија, како што френетично тврди постот
Постот користи фотографии од непознати извори, чија веродостојност не може да се провери, чија содржина не се знае ни од кого потекнува ниту дали е точна, како и тврдења небазирани на научни сознанија. Се тврди дека поради вакцината некој починал, дека искашлувал крв, иако не е докажано дека воопшто смртта настапила, ниту за кого се однесува, но уште поважно, самиот начин на кој што се пренесени овие тврдења е сѐ само не веродостоен.
СВЕДОШТВА ОД ПРЕПИСКИ ВО КОМЕНТАРИ И ПОРАКИ НА СТРАДАЛНИЦИ, ПОСЛЕ ВАКЦИНАЦИЈАТА ВО СРБИЈА, НИТУ ЕДНА ТЕЛЕВИЗИЈА НЕМА ДА ВИ ГИ КАЖЕ.
Ова е само дел, а колку има, никој незнае, но веќе после втората доза масовно се разболуваат, хоспитализираат и умираат. Народот рика од болка по најблиските, се вели во постот кој го рецензираме.
Се критикуваат медиумите што не ги пренесуваат ваквите коментари, меѓутоа постои причина зошто ова не е пренесено во официјалните медиуми. Причината е едноставна и се содржи во првиот член од Кодексот на новинарите, кој гласи:
Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
За разлика од тоа што го кажува првиот и најбазичен член од Кодексот на новинарите, дека информациите мора да се точни и проверени, овие фотографии од нешто што наликува на лична кореспонденција не може да се потврдат. Затоа не се ни објавуваат. Нема извор на информации, нема клинички студии да потврдат дека „народот масовно умира во Србија од вакцината против ковид-19″. Има само штури, непотпишани принтскрин-фотографии зад кои не стои никој, што ги прави подобно спин-оружје.
Формулациите „еден човек, една жена, една постара баба“, „во едно место, падна и доби инфаркт“ може да ги напише секој и да додаде дека тоа било како последица на вакцинацијата, но не мора да се точни. Доколку такво нешто навистина се случило, можно е инфарктот да настанал и од некоја друга причина, а не од вакцината, како некоја хронична болест, на пример. Ваквите прераскажани „расипан телефон“ приказни, згора на сè, се прикажани како „сведоштва”. Но,зад сведоштвата стои идентификуван извор или барем извор кој е познат на редакцијата, а овде такво нешто не постои.
Исто така, има и очигледни лажни тврдења, како што е ова:
Сашо, јас сум медицинска сестра која работеше на вакцинацијата. Добив страшна алергиска реакција на вакцината на Астра Зенека и едвај останав жива. Лекарот кој ме виде и опсервираше од итната помош забрани на сите да им се дава вакцина.
Зошто ова тврдење е лага? Затоа што лекар не може да забрани на сите да им се дава вакцина. Вакцинацијата во Србија продолжува, со администрирани 866.563 вакцини од првата доза и 497.310 ревакцинации до 25 февруари 2021 година до 15 часот и 30 минути.
Освен тоа, во протоколите на производителите на вакцини, се кажува јасно дека тие што имале некаква алергиска реакција на вакцината против ковид-19 треба да се консултираат со лекар. И во Македонија пред да се вакцинира кој било граѓанин, ќе треба да пополни прашалник во којшто едно од основните прашања е дали сте имале алергиска реакција на која било вакцина или која било терапија што се дава со инјекција. Причината за ова е да се спречи анафилакса, што претставува четврти степен на алергиска реакција.
Точно е и дека за да се создадат антитела од вакцината, потребни се недели, така што доколку некој е во инкубациски период и се вакцинира, сепак може да добие инфекција од ковид-19. Но, вакцината штити од тешката форма на ковид-19.
Институтот „Паул Ерлих“ (ПЕИ), кој е одговорен за вакцинација во Германија, испита 10 смртни случаи во земјата од неколку часа до четири дена по вакцинациите против корона-вирус. Во сите овие случаи, оние што починале биле на возраст меѓу 79 и 93 години и имале веќе постојна болест, вели Брижит Келер-Станиславски, шеф на Одделот за безбедност на медицински производи на ПЕИ, објави „Дојче Веле“.
Врз основа на податоците што ги имаме, претпоставуваме дека пациентите починале од нивната основна болест – што е коинциденција со времето на вакцинацијата, изјави таа за германскиот радиодифузер Н-ТВ. Таа не коментираше за одделни случаи, но рече: Тие беа многу сериозно болни пациенти со многу други болести.
Оттука, поради непостоење извори, непостоење можност да се провери нивниот кредибилитет како вистинитоста на она што го тврдат, нафрлените фотографии од коментари што би можел секој да ги напише, не претставуваат доказ дека од вакцината се умира во Србија, како што френетично тврди авторката на постот. Затоа и ваквите коментари не наоѓаат место во официјалните медиумски производи на традиционалните медиуми.