И понатаму се множат разните прекројувања на историските настани од почвата на Македонија и се генерираат нови толкувања за нив. Порано бевме задоволни што ширењето на писменоста меѓу словенските племиња почнало со активностите на солунските браќа, а сега стануваме и христијанска лулка за Стариот континент
Пишува: Љубомир Костовски
На социјалните мрежи деновиве добивме потврда на една апсурдна теза за тоа дека христијанството на Стариот континент е ширено од Македонија, односно од жители на тоа подрачје кои треба да се прифатат како Македонци. Повторувањето на таа теза, преку слободно толкување на записите на апостол Павле, секако, има цел да покаже дека не само што писменоста кај словенските народи дошла преку познатото дело на солунските браќа Кирил и Методиј, туку и ширењето на самата религија како процес дошла оттука. Ова своевидно мешање на географијата и историјата треба да се толкува како силен цивилизациски импулс кој дошол од Македонија, при што прашањето на идентитетот на тие први христијани на Стариот континент не се објаснува, туку се нуди во некаква завиена, метафорична форма како заслуга на некаков домицилен народ кој има своја долга хроника на опстојување сè до совремието.
Авторот на текстот најпрвин имал проблем да одреди до каде да се врати во историјата и како да го објасни поимот „македонска“ или „македонски“ како атрибут во содржината, пред сѐ, поради фактот што христијанството настанало во рамките на една голема империја која се сметала и за надетничка (да се надеваме дека е надрасното сфаќањето дека националните држави не постоеле пред настанување на нациите).
44-та година по Христа од Македонија е одделена Тракија и се до IV век по Христа кога Тесалија и е приклучена на Македонија, нема територијално-статусни промени. Но, има социјални промени како новата вера Христијанството, преку поединци по јужните краеви. 50 година по Христа, Апостол Павле како пастир на Христијанството ја посетува Македонија и овие поединци и примајќи нови ги основа првите македонски црковни општини – стои во почетокот на овој напис.
Апостол Павле, кој е централна фигура во поставување на тезата за „првата црква во Европа“, бил двапати во Македонија. Тој не формирал посебни организациони форми – држел предавање и главно се обидувал да ги придобие месните Евреи. Историјата на христијанството познава дека држел предавања (објаснувања) за новата секта, во рамките на јудаизмот во Филипи, Сер, Коринт и не се споменуваат многу други места, па и Солун, каде што пристигнатите проповедници биле затворени.
Христијанството, во почетокот казниво, најчесто со смрт, особено надвор од Палестина, било малобројно, со мала моќ опстојувало во форма на црковни општини, кои не може да бидат нешто повеќе од илегални ќелии. Така во т.н. Македонска енциклопедија се споменува апостол Урбан како архијереј за Македонија. Тоа во тој миг, во првиот век од новата ера, можело единствено да значи дека бил еден вид праучител за новата религија.
Ова е битно, бидејќи се вели дека Македонија била „втора во светот, а прва во Европа“ како показател дека од овој простор се ширело христијанството на континентот, а со што доаѓаат веројатно и тврдења за „други заслуги“, со целосно мешање на поими и вредности. Освен што тогашните жители, римски поданици, биле староседелци, тие главно биле локални Евреи, а христијанството својата сила ја добило дури откако царот Константин ѝ дал рамноправен статус во империјата, која потоа имала поинаква структура. Да не заборавиме дека најпознатото послание на апостол Павле се вика „Писмо до Коринтјаните“, кои ги има две, а Коринт дури и географски е подалеку од Македонија! Впрочем, Грците ги имало многу во Мала Азија, како и на Балканот, а еден од јазиците на кои е пишуван Новиот завет (комплетиран некаде околу 200 година!) е токму оној – старогрчкиот.
Ранохристијанството завршило во 4 век (313 година), кога самата религија е признаена како државна и се воспоставува можност за легализација, пишува историчарот д-р Драган Зајковски.
Како државна религија првпат била воведена во Ерменија во 301 година, во Етиопија во 325 година и Грузија во 337 година. Кој е сега „втор во целиот свет“?
Посебна манипулација се прави со еден цртеж, со кој самоволно, без никаква историска основа, се прави крст според местата каде бил апостолот Павле (Скупи, некаде само „поскромно“ Стоби на север, Филипи на исток, Бер односно Солун на југ и Охрид на запад). Крстот е доста „напрегнат“, има дилема дали најужна точка е Бер или Солун, кои се доста оддалечени меѓу себе (види цртеж), ама требало да бидат и симбол на ранохристијанството и дел од теоријата за посовремените национални граници (!) од типот „три во едно“.
Ова се забележува како размисла и во текстот што го посочуваме („Самоил Македонски“):
54 година по Христа, Апостол Павле вторпат е во Македонија и основа нови цркви, што заедно се првите Христијански клетки се јадро на идната македонска црква и историската Охридска патријаршија.
Овие цркви се по градовите – Филипи, Бер, Стоби и Охрид со што симболично и патот на Павле е во облик на голем крст над Македонија: Филипи на исток – Охрид на запад и Бер на југ – Стоби на север. Чувањето на овој крст ќе го добијат најголемите македонски центри, Скупи и Солун, чии цркви, пак, подоцна имаат важна улога во развојот на МПЦ. Со првите цркви во Македонија Св. Апостол Павле и вистински ја ’покрсти’ Македонија (Бер – Филипи – Стоби – Охрид).
Патем, жовие настани од половината на првиот век се врзуваат со датуми од 12 век, кога се лоцира основањето на Охридската архиепископија!
Инаку, апостолот Павле, кој дошол во Охрид, не бил таму затоа што му се сонило, како во легендите, туку затоа што сакал да оди за Рим, центарот на античкиот свет и го користел патот Виа Игнација, кој минувал преку Охрид до Драч. Рим бргу станал центар на христијанството, особено по рушењето на Ерусалим во 70 година. Значи, кога се вели дека апостолот Павле поминал во Македонија треба да се имал на ум сообраќајната нужност во неговата крајна цел.
Тезата за тоа патување во текстот произволно ја менува смислата на пионерските чекори на апостолите во овие краишта.
Клетките на Христијанството не беа создадени во Ромеја (Елада, Грција) уште помалку во Бугарија, Србија или Русија кои дури по повеќе од 1000 години ќе се здобијат со цркви, иако неканонски, но и чии цркви се обидуваат да го оспорат овој факт, Не. Првите клетки се на македонско тло од македонскиот народ, па оттаму и историското, канонско, но и политичко право е токму на македонската црква да се смета за ’Мајчинска црква’ како најстара во христијанскиот свет … – стои во тој текст.
И така пропатувањето на апостолот Павле се претвора во нешто како „матична клетка“ на религија, која денес опфаќа една или две милијарди верници. Без основните одговори на она – како, зошто, што ја дало „магијата“… Како ја заборавивме Палестина, Рим како новиот центар на христијанството, Цариград, каде што ќе се пресели едно време епицентарот на христијанството?
Впрочем и официјалните историчари на религијата сметаат дека христијанството сè до III век било во знакот на борби околу димензионирањето на новата религија, која од збирка приказни требало да добие филозофска основа и да може да се формализира и како организациона форма и како движење со свои појасни правила. Всушност, бесмисленоста на тезите во тој текст не се само во дилемата од кои тоа тукашни елементи настанала лулката на христијанството во Македонија, со сите идентификациони елементи на „тукашноста“, туку и што наводно се создало во времиња кога новото учење сѐ уште постоело во магливи сегменти?!
Во историјата на христијанството јасно стои дека новото учење долго и бавно се ширело и дека дури ранохристијанските теолози како Ориген (185 – 253 г.) работеле на создавањето синтеза помеѓу евангелијата и старогрчката филозофија, особено платонизмот и успеале да создадат карактеристична христијанска теологија. Колку е далеку тоа време од добата кога некои од апостолите минувале низ Балканот и ги посетувале главно еврејските енклави? „Банални“ 150-ина години.
Тој сплет на произволности, нејасни категории и чисти конструкции на крајот овој текст ги завршува со констатацијата „не гради на туѓи темели“, што е капакот на уште една сторија за Македонија како своевидна „библиска матрица“. Дали темелите на овој текст се само дел на една рингишпил историја?