Ако текстот не одговара на основните прашања што се очекуваат од него (кога, каде, кој…), тој веднаш е сомнителен и личи на насочен материјал добиен од извор кој повеќе сака да сокрива отколку да открива. Таков е случајот со неколку написи поврзани со последната активност на антиваксерите во земјава
Пишува: Љубомир Костовски
Тој што пишува новинарски текст секогаш треба да поаѓа од два момента – текстот може да го чита некој што има предзнаења за темата (или личноста) што е предмет на написот и, обратно, текстот може да дојде до консуматор кој е „апсолутен почетник“ во однос на понудената содржина. Во вториот случај на консуматорот ќе му биде неопходно и некаква поука од авторот, за да ја направи средбата со текстот функционална, па дури и осмислена од аспект на неговата појава во медиумот.
Неодамна се соочивме со серија написи дека е одржана средба на антиваксерите од земјава, иницирана од фактот дека одреден број школски деца се исклучени од наставата, бидејќи не примиле вакцина против малите сипаници. И, ете, го погоре назначениот проблем – ако некој во тие денови дошол во земјава или првпат се сретнува преку медиумите со аргументите на антиваксерите во однос на недозволувањето на следење настава од страна на невакцинирани деца, веројатно ќе биде изненаден или збунет од сознанијата. Зошто? Па токму затоа што сите тие прилози не ги наведуваат сите факти што се релевантни за поводот на нивното пишување. Како дошло до затворање на вратата за дел од школската популација на почетокот на школската година? Зошто не дошол министерот за здравство на средба со организаторите на манифестацијата, а, од друга страна, зошто ја финансирал конференцијата со буџетски пари? Дали тоа значи дефицит на аргументи кај власта? Ова се некои од можните прашања за тие што првпат се сретнуваат со активностите на антиваксерите во земјава, во судир што има своја хронологија, ама и се одвива во специфични услови, диктирани од фактот дека имаме епидемија на мали сипаници. Би прочитал ли намерникот нешто за целата ситуација што доведе до воведување вонредни мерки во земјата зафатена со епидемија од морбили?! Не, зборот епидемија не се споменува во текстовите (освен во еден), како и бројот на починатите сограѓани и фактот дека тие (главно) претходно не биле вакцинирани. Ги послушале ли многубројните заболени од морбили советите од кампањите на антиваксерите, пред да почнат да ги полнат инфективните одделенија по болниците? Тука ќе посочиме неколку примери од објавените написи.
ВЛАДАТА СЕ ПОТРОШИЛА СО 500 ЕВРА
Порталот „Нова ТВ“ под наслов „Владата финансиски поддржала конференција против вакцини сред кампања за имунизација“, акцентот го става на фактот дека Владата одвоила 30.000 денари од буџетска сметка за поддршка на овој настан и најавила дека нејзини претставници ќе присуствуваат на конференцијата. Претставници од таа страна немало, па овој случај како да наликува на „промашена инвестиција“ на Владата, пред сѐ, на министерот Филипче, од аспект на авторката на прилогот.
Порталот на неделникот „Фокус“ во текстот „Антиваксери: вакцинацијата е најголема научна измама на 20 век“, иако поаѓа од споменатата конференција, за која вели дека имала 150 учесници и оти се одржала во Скопје, настојува да „оди во метража“ и да даде максимален опсег на темата со насловот насочен против вакцините во целина! Порталот доста штедро одвојува простор за заклучоците на овој собир, но, сепак, не го оправдува насловот на прилогот и како да ја враќа дискусијата за оваа тема барем десет години назад! Во голема мерка ова е текст што комплетно е на линија на поддршка на организаторите, како по опремата, така и по содржината. Ќе го објасниме ова подолу.
Неизбежниот портал „Курир“ одвојува простор за овој настан, бидејќи тој третира проблем во земјава за кој може да се обвини власта, па и преку темата на вакцинирањето при што, низ текстот се сугерира повреда на правата на децата и родителите што не сакаат вакцинација, низ фактот што ним им требало избор на лабораторија во која би верувале(!). За волја на вистината во овој случај се презема текст од МИА, кој очевидно со својата недореченост и површност имал добар муштерија во „Курир“.
Да го споменам тука и прилогот на Телевизијата 21, каде што се потенцира отсуството на одговорни лица од власта по оваа тема, како и фактот дека досега наводно биле поднесени 300 претставки од родители до Министерството за здравство со барање децата да се примат на училиште иако претходно „не се боцнати“.
БИЛ ЛИ НЕКОЈ НА САМОТО МЕСТО?
Е, сега ако се сумира сево ова, најпрвин, видливо е дека на прилозите им недостасуваат основните факти, на пример – кога и каде е одржана таа конференција? Ова фрла малку сомнеж дека авторите воопшто биле таму, бидејќи освен „Нова“, каде што текстот е изработен како најава на овој форум, со тоа што податокот дека никој не дошол од власта е секако добиен отпосле (!), како и податокот дека власта платила извесна симболична сума за организацијата, сите други прилози не даваат детали кои би биле заокружување или појаснување на настанот! На пример, како тоа сите новинари да говорат дека имало 150 учесници, освен ако тој податок го побарале и добиле од организаторот, а не се увериле во тоа самите? Зошто едни колеги цитираат доктори, други само адвокати…? Низ текстовите нема одговор зошто се потребни „засилувања“ од други држави во регионот. За да се има илузија дека постои поширок интерес за овој проблем? И зошто нема авторитети оттаму кои би биле со светско реноме и чии зборови треба да се земат со респект?
Значи, заклучуваме, низ текстовите не допираме до основните, елементарни одговори во новинарството – каде се одржал тој собир (освен во еден текст), колку траел, колку навистина имало присутни и, конечно, дали авторите на прилозите навистина биле таму, што секако би било пренесено низ малку автентичност, која не штети, ама има своја друга цел, дава личен поглед и „печат“ за настанот! Затоа се добива впечаток дека се работи за вести од настан кој како да има по малку таен карактер.
Нема сомнение дека организаторот – Здружението „Од нас за нас“ имал стратегија, односно се чекало со месеци да мине луњата со илјадниците заболени од мали сипаници во земјата, големиот број починати и сите други настани кои доведоа до прогласување на епидемија во земјава (!) во април годинава, кога нивниот авторитет секако би бил близок до нулата и кога гласовите на адвокатите или главно „туѓите“ лекари, неодамна присутни тука, не би наишле на плодна почва.
Но, да се вратиме на медиумите. Најчудно е како во ниту еден од написите го нема бекграундот на настанот: како дојде до забрана за одење на училиште на деца што не ги примиле потребните вакцини, вклучувајќи ја, пред сè, таа против морбили?
Зошто се одбегнува потсетувањето на тој факт како и сето она што во април годинава се случуваше во нашата земја, но и во многу други (Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија…). Ако имаше основа за прогласување на епидемија – а тоа никој не го спори – важат правилата за таква сериозна ситуација. А тие се јасни и прецизни и тука нема исклучоци.
Ова како сознание секако не мора да се става во обем што би го обременувал секој прилог одделно, ама јасно е дека мора да се добие комплетната слика за темата: многу е мал и симболичен бројот на невакцинирани деца во мигот и тоа се должи на преземените мерки на власта. Имено, бројот на вакцинираните деца до 14 години по прогласувањето на епидемијата изнесува 30 илјади, при што ригорозниот став на тие што прогласија епидемија со легитимен инструментариум, па и во однос на неможноста на децата да одат невакцинирани во училиште или претшколска установа, бидејќи тоа беше клучниот фактор што го спаси народното здравје.
Споменувањето на овие факти, макар и во неколку реченици, е неопходен за прилозите да го одбегнат просторот на пропагандата во корист на едно Здружение. Темата е пресериозна за да фрламе или поддржуваме бајати чадни бомби во медиумскиот простор за оваа тема. А читателите и гледачите во вакви случаи треба да користат едноставно помагало во вакви ситуации – ако текстот не одговара на основните прашања што се очекуваат од него (кога, каде, кој…) тој веднаш е сомнителен и личи на насочен материјал, добиен од извор што повеќе сака да сокрива отколку да открива.