Фото: Пекселс
Од Џенис Сулимани
Некомплетни докази. Избирање аргументи. Игнорирање на вистинските докази. Еднострана проценка. Обид да се убеди јавноста да прифати одредена позиција, криејќи факти или давајќи ѝ аргументи за да се потисне вистината. Ова се манипулативните тенденции што медиумите денес знаат честопати да ги искористат за да постигнат одредена цел или намера да ги негува апетитите на одреден клан, група од интерес или некоја партиска агенда.
„Чери пикинг“ е меѓународен термин што го опфаќа овој вид медиумска манипулација.
„Чери пикинг“ е феноменот што е во спротивност со непристрасноста, правилното, точно и објективно известување. Медиумите денес често знаат да вршат селекција на аргументи во зависност од тоа која партиска нијанса сакаат да ја истакнат, односно да ја засилат.
Медиумите честопати излегуваат од шините кога вршат „чери пикинг“, избирајќи ги аргументите и притоа нудејќи пристрасно новинарство. Таквото новинарство не го почитува јавното мислење, но и го губи кредибилитетот, со што станува алатка за манипулација.
Преку неколку конкретни примери ќе откриеме како се манипулира со „чери пикинг“.
„Демири: Следниот претседател, лојален на партијата – нема да ги претставува Албанците“. Ќе земеме еден наслов како пример за класичен „чери пикинг“.
Денес, кога веќе се распишани претседателските избори во 2019 година, секој познавач на политичките збиднувања има право да даде свое мислење и да го категоризира идниот претседател на Република Северна Македонија. Сепак, за да не бидат новинарските производи пристрасни, нецелосни и само со еден аргумент, опсегот во текстот треба да биде посеопфатен.
Иако, во текстот се вели дека ставот на г. Демири е дел од дебатата за следниот претседател, немаме друг став, аргумент од некој друг аналитичар за категоризацијата на следниот претседател.
Ставот дека следниот претседател нема да ги претставува Албанците се темели исклучиво на аргументот на г. Демири. Ова претставува аргумент за нас за да докажеме дека имаме пример на „чери пикинг“.
„Аналитичари: СДСМ е свесна дека има многу низок рејтинг“. Ова е друг пример за селекција на аргументите. За разлика од првиот пример, во овој новинарски напис имаме повеќе од два става, но текстот не се смета за објективен поради фактот дека недостасуваат статистички податоци што би го потврдиле насловот. Погрешно наведување на јавноста е намерата насловот да се базира на ставовите на аналитичарите, а не на статистиките од рејтинзите. Ова јасно покажува дека е направен обид недостигот од статистички податоци да се покрие со мислењата на аналитичарите.
Новинарот не треба да биде воден од лични убедувања. Врз основа на погорните два примери, новинарот треба да се насочи кон собирање што е можно повеќе аргументи, без да биде пристрасен. Треба да се даде простор за секој став кон идниот претседател. Треба да му се даде простор на секој аналитичар. Меѓутоа, кога целта е да се прикажат рејтинзи, редно е да се наведат и бројки.
Медиумите, но и јавноста треба да ја знаат важноста на јавниот интерес.
„Непристрасноста е од клучно значење при известувањето. Веста треба да се базира на факти што се проверени, цитирани и потврдени. Да се биде непристрасен при објавување вести и информации значи исклучување на какво било лично мислење или пристап за време на нивното подготвување, а на јавноста да ѝ се остави да извлече заклучоци без да ѝ се наметнат лични ставови“.
На јавноста треба да ѝ биде лесно, со оглед на горенаведените препораки, да разликува кога авторот на некој новинарски производ се обидува да ја насочи кон сопствените убедувања, а не кон вистинските аргументи. Една здрава, критичка глава секогаш треба да ги бара двете страни во кој било новинарски производ или, поточно, аргументирана теза со најмалку два факта.