Чичаковски не беше разрешен од функцијата претседател на ДИК, туку поднесе оставка

[Рецензија: Чичаковски и сопругата на ексспецијалниот обвинител Ајро избрани за управни судии]

Написот што е предмет на ова оценување, генерално, е солидно напишан, но впечатокот, за жал, е нагрден од една груба грешка што се провлекла во него. Имено, во текстот се вели дека Александар Чичаковски, кој од Судскиот совет деновиве (2.10.2019), беше избран за судија во Управниот суд, бил разрешен“ од функцијата претседател на Државната изборна комисија (ДИК). Што е неточно, бидејќи Чичаковски си поднесе оставка на функцијата во декември 2017 година, а тоа може да се провери во архивите на новинските веб-страници.

Истата грешка е повторена и во мал број други медиуми, меѓу кои и „Инфомакс“.

Линк до оригиналниот напис: Чичаковски и сопругата на ексспецијалниот обвинител Ајро избрани за управни судии

Датум и време на објавување: 2.10.2019

Датум на рецензирање: 4.10.2019

 

 

За разлика од повеќето медиуми, кои известувајќи за изборот на двајцата нови судии во Управниот суд – Александар Чичаковски и Елеонора Ајро, Чичаковски го наведуваат само како „поранешниот претседател на Државната изборна комисија“ (ДИК), во текстот што го анализираме, Чичаковски е наведен како „разрешениот претседател на Државната изборна комисија“. Дополнително, во втората реченица од главата на текстот се повторува ваквото тврдење, односно дека Чичаковски бил „разрешен поради бонусите што си ги подели во ДИК“.

Но, како што правилно посочија дел од медиумите, Чичаковски си поднесе оставка, која потоа парламентот ја констатира, односно ја прифати.

Имено, според makedonski.info, кој дава пристап до голем број од содржините од Толковниот речник на македонскиот јазик, глаголот „разреши“ има значење на:

Ослободи некого од обврска, должност, функција, односно зборува за нечие отстранување од функција од страна на надреден фактор.

Во случајот на Александар Чичаковски, тој ја напушти функцијата претседател на ДИК по своја одлука, поднесувајќи оставка до Собранието.

Оставките на Чичаковски и на другите членови на ДИК од тој состав следуваа по бурни реакции од медиумите и јавноста за нивното решение да си поделат високи бонуси. Аферата ја обелодени претходниот амбасадор на САД, Џес Бејли. Конкретно, Чичаковски поднесе оставка заедно со членовите на ДИК од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев. Потоа следуваа оставките на другите членови на ДИК.

Основната улога на новинарите е да ја информираат јавноста навремено, точно и коректно, а за тоа зборува и Кодексот на новинарите на Македонија, односно членот 1 во кој се вели:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.