[Рецензија: Според ЦДЦ – Маските за лице не успеваат да го спречат КОВИД-19]
Толкувањата и наводите во написот што го рецензираме немаат врска со студијата на која се повикува.
Линк до оригиналниот напис: Според ЦДЦ – Маските за лице не успеваат да го спречат КОВИД-19
Датум и време на објавување: 9.3.2021
Датум на рецензирање: 26.3.2021
Рецензент: Ана Анастасовска
Текстот што е предмет на оваа рецензија тврди дека маските немаат некој голем ефект во спречувањето на ширењето на ковид-19 и притоа се повикува на најновата студија на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Но, доколку ја прочитате студијата, ќе сфатите дека таа нема никаква врска со напишаното.
ЦДЦ, Националниот институт за јавно здравје и животна средина на САД, призна дека маската за лице не прави многу за да се спречи ширењето на ковид-19. Владата е под зголемен притисок да го укине условот за заштита на лицето во САД. Една нова студија спроведена од ЦДЦ покажува дека заштитата на лицето има незначителен ефект врз ковид-19. Според студијата, заштитните маски ги намалиле бројките на нови инфекции за 1,5 процент. Тие беа 0,5 проценти ефективни во првите 20 дена по воведувањето на задолжителната маска за лице и помалку од 2 проценти по 100 дена, се вели во текстот.
Студијата е погрешно протолкувана и на тој начин се шири лажна вест дека маските не штитат многу од корона-вирус. Доколку ја прочитате студијата на ЦДЦ, која е објавена на 12.3.2021, ќе видите дека истражувањето ја испитува ефективноста на мерките за носење маски, а не маските сами по себе, откривајќи дека државите што вовеле задолжителни мерки за носење маски имаат намалена стапка на раст на случаите на ковид-19 и на смртните случаи.
На почетокот од студијата, во делот на тоа кои се импликациите од истражувањето врз јавната здравствена пракса, се наведува: „Мерките за задолжително носење маски и ограничувањето на јадење во просториите во рестораните може да помогне во ограничувањето на преносот на ковид-19 во заедницата и да се намалат стапките на раст на нови случаи и стапките на смртност“.
Мерките за носење маски беа поврзани со статистички значајни падови на дневните случаи на ковид-19 на ниво на округ и стапките на раст на смртта во рок од 20 дена од спроведувањето на истите. Дозволувањето на јадење во ресторани во затворени простории беше поврзано со зголемување на стапките на ниво на округ и стапките на смртност во рок од 41 до 80 дена. Во државите каде што има мерки за носење маски и забрани за јадење во просториите во рестораните има ограничување на потенцијалното изложување на ковид-19 и пренесувањето на вирусот во заедницата е намалено, се вели во студијата.
Понатаму се додава дека мерките за задолжително носење маски се поврзани со намалување на стапката на раст на случаите со ковид-19 и на бројот на хоспитализации, додека повторното отворање на рестораните и дозволата за јадење во затворени простории, познат фактор на ризик поврзан со SARS-CoV-2 инфекција, е поврзано со зголемениот број на случаи на ковид-19 и смртни случаи, особено во отсуство на мерки за носење маски.
Од сето тоа може да се заклучи дека написот што го рецензираме ја манипулира јавноста служејќи се со невистини, односно со искривено толкување на научна студија. Ова е типична неновинарска алатка, бидејќи едно од основните правила наведени во Кодексот на новинари е дека новинарите ќе ја почитуваат вистината и ќе настојуваат да го спречат искривувањето на вестите.
Во текстот е прекршен и членот 10 од Кодексот, кој гласи:
Новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи…