[Рецензија: ФОТО: Дедо казнет – додека минувал пешачки се вклучило црвено на семафорот]
Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира, бидејќи дедото не бил казнет додека поминувал на пешачки премин, туку полицијата вршела увид на местото на несреќата во која учествувал тој. Содржината има интенција да предизвика емотивна реакција кај читателите за наводната „бездушност“ во работата на полицијата и на тој начин да обезбеди читаност.
Линк до написот: ФОТО: Дедо казнет – додека минувал пешачки се вклучило црвено на семафорот
Датум на објавување: 14.11.2019
Датум на рецензија: 18.11.2019
Рецензент: Силвана Жежова
Според полицајците, тој поминал на црвено, иако дедото тврдел дека било зелено. Но најверојатно бидејќи споро се движел ,се вклучило црвеното светло на семафорот. Дедото молел да не го казнат.
Фотографијата на која се повикува текстот, наводно, била направена од сведок, но таа не може да биде единствен доказ за вистинитоста на случката за која се пишува. Статусот на наводниот сведок можел да биде повод да се провери во МВР, дали навистина дедото бил казнет бидејќи поминал на црвено поради бавното движење. МВР ја демантира оваа информација, а вистината според нивниот билтен е сосема поинаква.
Станува збор за целосна невистина, бидејќи, според пријавеното, на 13.11.2019 околу 8 часот Н.Б.(76) од Скопје, управувајќи моторно возило „матиз“, со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во столб од семафор. Бил извршен увид од увидна екипа, а Н.Б. бил пуштен да си оди, се вели во демантот на МВР на нивната Фејсбук-страница.
Според извештајот на полицијата, прво тој не бил пешак, туку возач. И не бил сопрен бидејќи поминал на црвено, туку предизвикал сообраќајна несреќа во која, за среќа, учествувал само тој, но не се повредил и не повредил никого. Најнормално во такви ситуации е да се повика полиција и да се направи записник од несреќата.Така што, без извештај од терен и без информација од релевантна институција, ништо не значи една фотографија, која во случајов послужила за новинарски текст кој целосно ја дезинформира јавноста.
Емотивната порака на наводниот сведок, во секој случај, не може да биде единствениот аргумент за текстот да се стави во одбрана на граѓанинот.