Tекстот што е предмет на оваа рецензија во насловот тврди дека има детали од средбата на поранешниот премиер и лидер на партијата, а сегашен бегалец од правдата, Никола Груевски, со поранешниот министер и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, во Будимпешта. Но, насловот е манипулативен, тој е ставен само да ја намами публиката да го отвори написот, а внатре во него нема никакви детали за средбата.
Инаку, информација за тоа дека се сретнале поранешните високи функционери на опозициската партија, најпрвин објави „Фокус“, и тоа е сè што знаеме досега за оваа средба. Потврда за средбата, но и демант, нема од ниту една од двете споменати страни.
Линк до оригиналниот напис: Детали од средбата Груевски – Тодоров: Грујо го истегнал за уши екс министерот смрт?
Датум на објавување: 19.3.2021
Датум на рецензија: 22.3.2021
Рецензент: Симона Атанасова
Оваа изненадна средба предизвика внимание во јавноста, со оглед на актуелните превирања во ВМРО-ДПМНЕ. Очекувано е кога ќе се појави текст со наслов којшто тврди дека има детали од средбата, тој да добие многу кликови. Но, што ќе добијат љубопитните за оваа средба кои ќе го кликнат и прочитаат текстот? Ќе добијат разочарување. Во текстот нема апсолутно никакви детали за средбата. Текстот е целосно преземен од „Фокус“ и иако е наведен изворот, тој не е соодветно линкуван.
Во написот нема ништо повеќе од првичната информација, за во насловот да се тврди дека има детали од средбата. А, згора на сè, без никакви докази се наведува дека „Грујо го истегнал за уши министерот смрт“, комуникација која е невкусна и непримерна.
Текстот не само што не нуди повеќе детали, туку самиот кажува дека „не добиле одговор од Тодоров за причините и целите на посетата во Будимпешта“.
На крајот читателите остануваат изманипулирани, затоа што очекувале текст со повеќе детали, а не добиле никаква нова или дополнителна информација. Добиле само сензационалистички кликбејт-наслов со коментаторски елементи, чија цел е да го привлече вниманието, особено на корисниците на социјални мрежи.
Со овој текст се прекршени неколку принципи од Етичкиот кодекс на новинарите:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.
Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.