[Рецензија: Еве како изгледаат ПРИВИЛЕГИРАНИТЕ ЌЕЛИИ ВО ШУТКА за Боки 13 и Катица Јанева]
Податоци и фотографии објавени во емисијата „Детектор“, зачинети со бајати и лажни вести се искористени за манипулација на читателите.
Во текстот, со самиот наслов, бомбастично се тврди дека во истражниот затвор во Шутка, осомничените за „Рекет“, Бојан Јовановски (Боки 13) и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева се притворени во Хашкото одделение и оти поради тоа се привилегирани.
Линк до оригиналниот напис: Еве како изгледаат ПРИВИЛЕГИРАНИТЕ ЌЕЛИИ ВО ШУТКА за Боки 13 и Катица Јанева
Датум и време на објавување: 5.11.2019
Датум на рецензија: 11.11.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Целосно е неточно дека Катица Јанева е притворена во реновираното Хашкото одделение. Таа, како што потврди директорот на Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, Есад Рахиќ, во изјава за 360 степени, е сместена во обична ќелија, а како една од причините за тоа е да се оневозможи контакт со првоосомничениот во овој случај, Бојан Јовановски (Боки 13), кој е сместен во хашкото одделение.
Притворската страна постапува по судски одлуки. Даден ни е судски налог и затворската управа одредува каде ќе биде сместена. Ние сме процениле според тоа каков профил на личност е, која Ѝ е работата и ред други причини, но тоа е наша одлука и проценка.
Втората неточна информација во овој текст е дека Бојан Јовановски е во притвор со второосомничениот во случајот Зоран Милевски–Кичеец. Но, Кичеец воопшто и не е во Истражен затвор. Тој беше пуштен во домашен притвор на 24 септември откако судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд донесе решение и ја укина мерката притвор и му определи мерка куќен притвор.
Меѓутоа, тој и додека беше во Истражниот затвор „Скопје“, не беше во истиот оддел со Боки 13. Бојан Јовановски од моментот на приведувањето се наоѓа во хашкото одделение, но Кичеец беше сместен во обична ќелија. Тие двајца не можеа да бидат сместени во исто одделение поради поврзаност со делото.
Текстот е сензационалистички и во потрага по што поголем број кликови пласира непроверени и неточни информации со што ја дезинформира јавноста и прекршува низа одредби од Кодексот на новинари, вклучително и преамбулата во која, меѓу другото, е нагласено дека основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината.