Македонскиот јазик никој не го избркал од Свети Николе

[Рецензија: Катастрофална одлука на МОН: Децата нема да учат македонски јазик, туку „мајчин“, забранет зборот македонски и во училиштата]

Текстот со наслов: Катастрофална одлука на МОН: Децата нема да учат македонски јазик туку „мајчин“, забранет зборот македонски и во училиштата, е школски пример за лажна вест. Тој се темели на комплетна невистина и овој факт не може да го смени ниту навидум „силната“ аргументација што авторот ја приложува во текстот – факсимили од објавени огласи за вработување  наставник по мајчин јазик и литература во средното училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе и училишни свидетелства.

Линк до оригиналниот напис: Катастрофална одлука на МОН: Децата нема да учат македонски јазик, туку „мајчин“, забранет зборот македонски и во училиштата

Датум и време на објавување: 22.10.2019

Датум на рецензирање: 29.10.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

 

Не само што не постои одлука на Министерството за образование со која во училиштата нема да се изучува македонски туку мајчин јазик туку е лажна информацијата дека зборот македонски е забранет во училиштата. Сепак, тоа не спречи неколку портали да ја пренесат оваа „информација“ како да е точна.

Написот на infomax.mk се занимава со наводен случај на оглас за вработување во светиниколското средно училиште „Кочо Рацин“ од месец октомври, во кое се огласени неколку работни позиции во училиштето, меѓу кои за наставници по англиски, италијански и по мајчин јазик и литература. Овој оглас во текстот се користи како крунски аргумент дека, за разлика од именувањето на јазиците – англиски и италијански со своите вистински имиња, македонскиот во овој оглас бил заменет со зборот „мајчин“ и тоа поради наводна одлука на Министерството за образование. Таква одлука, се разбира, не постои.

Овој „случај“ е исконструиран за да изгледа како вистински, а тоа што е „гарниран“ со слики од премиерот Зоран Заев, седнат во училишна клупа, би требало на читателот да му сугерира кој е главниот виновник за овој неславен потег – наводното исфрлање од употреба на терминот македонски јазик од употреба во државните училишта во периодот кога тој е премиер.

Сепак, измамата што се крие зад овој напис е релативно лесна за разоткривање. Во 2011 година Државниот завод за статистика издал публикација под наслов Национална класификација на занимања. Во неа, на страна 389, под шифра 2341.04 стои назив: Наставник по мајчин јазик. Ваквото именување е, впрочем и разбирливо кога се има предвид дека постојниот Закон за средно образование во Член 4  вели:

Воспитно-образовната дејност во средното училиште се изведува на македонски јазик и кирилско писмо. За припадниците на заедниците ШТО следат настава на јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, воспитно-образовната дејност во јавните средни училишта се изведува на јазикот и писмото на соодветната заедница на начин и под услови утврдени со овој закон.

Според ова, занимањето наставник по мајчин јазик и литература е така именувано бидејќи овој кадар наставата ја извршува на македонски, албански или турски јазик, па ова е општ термин што ги опфаќа сите варијанти. И затоа, за разлика од називот – наставник по англиски, германски, италијански јазик, како странски јазици, називот – наставник по мајчин јазик е секој наставник што им го предава на учениците овој предмет на нивните мајчини јазици.

Се разбира, овие факти не им се сервираат на читателите, кои можеби и не се запознаени со овие податоци, поради што повеќе од евидентна е желбата со нив да се манипулира.

Граѓаните отворено прашуваат кој се срами и ја забранува употребата на македонскиот јазик во сопствената држава, општина и училиште? Во ова училиште поминаа многу генерации, но оваков скандал досега се нема случено. Најмалку очекувавме негирањето на македонскиот јазик под притисок на власта да се спроведува во училиштата и меѓу младите. На што ли ги учат сега нашите деца, отворено прашуваат загрижени родители и граѓани?

На овој пасус секако не му е место во текст што претендира да биде информација ,бидејќи во него се коментира, се изнесува личен став, поточно речено некаков колективен став „најмалку очекувавме“, па се поставува прашањето кои се тоа – ние? Загрижените родители и граѓани? Каде тие ја изразиле својата загриженост, е прашањето, бидејќи овој напис никаде не донесува докази во вид на некаква изјава или сведоштво дека некој е загрижен поради наводното бришење на називот „македонски“ од називот „наставник по мајчин јазик“? Секако, бидејќи не се случило никакво бришење на терминот македонски.

Така, безобѕирно пласираната манипулација:

Кој се срами и ја забранува употребата на македонскиот јазик во сопствената држава, општина и училиште?

заедно со сликата на македонскиот премиер во училишната клупа требало да импутира дека наводната забрана се случила откако претседател на Владата е Зоран Заев. Но, ова е само проѕирна манипулација и ништо повеќе, бидејќи веќе  објаснивме дека називот „наставник по мајчин јазик“ е официјализиран во време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и сосема нормално била во употреба и во тоа време. Еден пример за ова е оглас за вработување од 2015 година за еден наставник по мајчин јазик и литература, објавен од Министерство за образование и наука, на определено време.

Трогателни се обидите преку невистините објавени во овој текст од ништо да се направи случај, па, како да не беше доволно тоа со наставникот по мајчин јазик, во написот, исто така, се вели:

Со училиштето СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе раководи директор кој е именуван од градоначалникот на Општина Свети Николе од редовите на СДСМ, а огласот е објавен во Агенцијата за вработување – Центар за вработување Свети Николе каде директорот е поставен од сегашната централна власт, а воедно беше и досегашен Претседател на ОО на СДСМ Свети Николе.

Во Законот за средното образование, член 10 став 1 гласи:

Средно општинско училиште може да основа општината.

Член 91, став 11, гласи:

Директорот на општинското средно училиште се избира и разрешува од градоначалникот на општината, согласно овој закон.

Според ова, именувањето директор на општинско средно училиште не е само избор, туку обврска на градоначалникот на општината. Дали градоначалникот притоа го направил вистинскиот избор и го поставил вистинскиот човек на оваа позиција е тема на една поинаква анализа, но изборот бил според закон.

Од сево ова заклучокот сам се наметнува – написот има само една цел, а тоа е да направи случај таму каде што го нема, исклучиво за политичко-пропагандни цели, не водејќи сметка за вистината. Дури и по цена притоа да испадне смешен.