Една „вакцина“ за инфодемијата со три основни прашања

Фото: Принтскрин portalb.mk

Инфодемијата е „болест“ на непроверени информации што се пласираат во јавноста и овој „вирус“ може да се пренесе од една до друга личност. „Чистете ги рацете често“ за да расчистиме и да ја анализираме секоја информација што ја добиваме пред да ја дистрибуираме. И, затоа треба да си поставиме најмалку три прашања како најдобра „вакцина“ против инфодемија: дали е изворот доверлив, дали вестa e објавена во друг медиум и дали е поддржана и од официјални извори?

 

Пишува: Дрен Гергури

 

Во овој кризен период многу е важно да се заштитиме од дезинформациите за корона-вирусот кои, всушност, се шират насекаде и тоа во голем број, особено во социјалните медиуми. За да не се соочиме со сериозни проблеми во иднина што ќе произлезат поради некоја дезинформација, сега мора да посветиме особено внимание на точноста на информациите што ги добиваме.

Пред неколку дена, еден пријател ми прати порака на „Вибер“, во која се вели:

Држете го здивот повеќе од 10 секунди. Ако успеете да го направите ова без кашлање или да не покажете знаци на вознемиреност или стегање во градите, тогаш не сте засегнати.

Првото прашање што му го поставив на мојот пријател беше од каде ја добил информацијата. Ми рече дека некој член на семејството му ја пратил пораката. Во меѓувреме, тој додаде дека, исто така, слушнал оти ова го предложиле експерти од Јапонија. Откако проверив, видов дека е само уште една дезинформација што се шири деновиве. Се разбира, мојот пријател, па дури и неговиот член на семејството, ги шират информациите со намера да помогнат, без да сфатат дека тие се, сепак, жртви на дезинформација.

Дезинформациите на социјалните медиуми може да се шират многу брзо. Замислете кога дезинформацијата се шири во групи од десетици и стотици луѓе, а потоа секој од нив може да ја сподели со стотици и илјадници други. Дезинформација како таа за употреба на лукот за да се спречи инфекцијата се рашири на „Фејсбук“, додека Светската здравствена организација (СЗО) реагира со тврдење дека нема докази оти прекумерната употреба на лук може да ги заштити луѓето од корона-вирус. Да претпоставиме дека оваа дезинформација се рашири во група од 200 члена на „Фејсбук“, а потоа половина од нив ја дистрибуирале на 100 други лица. Значи, за неколку минути, дезинформацијата достигнала 10 илјади луѓе.

Друга широко распространета дезинформација беше таа за пиење топла вода со лимон:

Професор Чен Хорин, генерален директор на воената болница во Пекинг, рече: парчиња лимон во чаша врела вода може да ви го спасат животот. Топлиот лимон може да го убие ширењето на овој вирус во нашето тело! 

Оваа дезинформација беше широко распространета од разни луѓе на „Фејсбук“, „Месинџер“ и други социјални медиуми, додека по неколку дена сериозни медиуми како што се „Еуроњуз“, „Асошиејтед прес“, АФП и др., објавија дека ова е уште една дезинформација која се шири во овој период. Во меѓувреме, познато е дека демантот на една дезинформација никогаш не може да го постигне истиот ефект, па затоа е важно инфодемијата да се запре пред да се сподели.

Во вакви случаи добро е да се биде скептичен во врска со информациите на кои сме изложени поради низата дезинформации што кружат на интернет. Инфодемијата е „болест“ на непроверени информации што се пласираат во јавноста и овој „вирус“ може да се пренесе од една до друга личност. „Чистете ги рацете често“ за да расчистиме и да ги анализираме сите информации што ги добиваме, пред да ги дистрибуираме. И затоа треба да си поставиме најмалку три прашања, коишто се најдобрата „вакцина“ против инфодемијата: дали е изворот доверлив, дали веста е објавена во друг медиум и дали е поддржана и од официјални извори?

За медицински совети, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и нашите државни институции, Министерството за здравство и Националниот институт за јавно здравје, објавија разни и исцрпни упатства кои детаљно ги објаснуваат информациите за корона-вирусот. Затоа треба да се обратиме до здравствените институции – било на државно или глобално ниво и да не дозволиме да бидеме измамени од дезинформациите што кружат на социјалните медиуми, без оглед кој ги дистрибуира. Значи, вакцината за корона-вирусот и пандемијата сè уште не е пронајдена, но за инфодемијата веќе ја имаме, доволно е да се биде внимателен и да се „вакцинираме“ со горенаведените прашања за да се заштитиме од инфодемијата.

(Текстот е објавен на Portalb.mk)