[Рецензија: Јутјуб-видео: Здравствениот систем во распад]
Во анонимно видео прикачено на „Јутјуб“, кое се шири на социјалните мрежи, изнесени се повеќе невистини и манипулации поврзани со корона-вирусот. Целото видео е направено во насока на дискредитација на министерот за здравство, Венко Филипче, и целата власт, а тоа се прави неосновано и тенденциозно.
На видеото не му се знае авторот, а за податоците изнесени во него не е понуден никаков извор на информација, па така тие лебдат во воздух и без докази делуваат неверодостојно и ја дезинформираат јавноста.
Линк до оригиналниот напис: Јутјуб-видео: Здравствениот систем во распад
Датум и време на објавување: 3.4.2020
Датум на рецензија: 8.4.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Во видеото во првата реченица ударно се тврди дека здравствениот систем под раководство на Филипче е во распад. Но, како доказ за тоа не е понудено ништо конкретно. Нејасно е како е дојдено до заклучок дека здравствениот систем е во распад, ниту што значи тоа.
Едно од неточните тврдења во видеото (објавено на 3 април) е дека Македонија има убедливо најмал број тестирани во споредба со другите земји. Вистината е дека во регионот Македонија е втора земја по бројот на спроведените тестови за Ковид-19 на милион жители, покажуваат податоците на worldmeters.info заклучно со податоци за 4 април. Пред Македонија е само Хрватска, а помалку тестови направиле и Грција и Турција, како и Бугарија која направила само 81 тест на милион жители.
Анализите покажуваат дека сме втора земја во регионот според бројот на спроведени тестови за коронавирус на 1 милион жители. Имаме доволно тестови за да ги задоволиме потребите на нашата земја. pic.twitter.com/aoP3Qk8NFp
— Министерство за здравство (@ZdravstvoMK) April 4, 2020
Видеото тврди дека задоцнети биле мерките за лицата што влегуваат во Македонија. Нејасно е тука на што се мисли, ниту на кои мерки ниту зошто е донесен заклучок дека мерките биле задоцнети.
Уште едно неточно тврдење е дека во Македонија има најголем број заболени по глава на жител во целиот регион. Заклучно со вчерашниот ден (7 април), бројот на заболени по глава на жител во Македонија е некаде на средина во однос на целиот регион. На 7 април тој број во Македонија изнесувал 288 заболени. Во Словенија тој број е 509, во Турција 404, во Црна Гора 384, Хрватска – 312, Србија речиси колку нас – 280, а помалку заболени има во Босна и Херцеговина – 233, Грција – 176, Албанија – 133 и Бугарија – 83.
Нафрлен без докази е и податокот дека во државата има најголем процент на починати во регионот. Иако бројот на починати на милион жители во Македонија е доста висок, сепак не е највисок во регионот. Најмногу починати на милион жители има Словенија, каде што се регистрирани 17 починати на еден милион, а во Македонија тој број е 12.
Се тврди дека директори на болници се главни во ширењето на Ковид-19. И ова е неточно затоа што станува збор само за една директорка, таа на Кожната клиника, Нина Цаца Билјановска, чијашто несовесност ја чинеше не само разрешување, туку и кривична пријава. За несовесноста на одредени лица, меѓу кои и директорката на Кожна клиника, не може директно да биде одговорен министерот за здравство. Затоа постојат надлежни институции кои треба да го процесуираат случајот и секој што се огрешил пред законот соодветно да одговара.
Во видеото се потенцира дека „криминалниот бизнис со тестови за Ковид-19 цвета“. И ова е само нафрлено без да му се понуди на оној што го гледа видеото какви било докази дека се случува некаков криминал со тестовите за вирусот. Ова е премногу сериозно обвинување за да помине без објаснување и соодветни докази и без извор на информацијата.
На крај видеото завршува со прашањето: „Што повеќе треба да се случи за да се освестат Заев и Филипче?“. Целосно е нејасно зошто е спомнат Зоран Заев во овој контекст. Тој во моментот нема никаква државна функција, премиер (технички) подолго време е Оливер Спасовски, а Заев е само лидер на СДСМ.
Видеото заедно со манипулациите и лажните вести нафрлени во него оддаваат впечаток дека е наменски креирано за личен напад, како на министерот за здравство Венко Филипче, така и на власта, а со цел поттикнување недоверба во системот.
Корисниците на социјалните мрежи треба да бидат особено внимателни кога гледаат вакви видеа, во кои сензационалистички се пласираат купишта тврдења без извори на информации и непоткрепени со никаков доказ.
Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.