[Рецензија Ова м..аре богато заразувало по Карпош]
Новинарскиот кодекс во членот 13 јасно утврдува дека новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Во текстот што го рецензираме, сето ова е измешано, фактите и мислењата не се јасно раздвоени, а во насловот се користи навреда. Понатаму, дали некој е богат или сиромашен во материјална смисла, не е воопшто релевантен податок кој укажува на евентуално сторување на кривично дело. Истовремено, треба да се одбегне стереотипизацијата дека само богатите може да сторат кривично дело.
Линк до оригиналниот напис: Ова м..аре богато заразувало по Карпош
Датум и време на објавување:01.04.2020
Датум на рецензија:08.04.2020
Рецензент: Мирослава Бурнс
Текстот, во најголемиот дел е преземен од друг медиум и тој дел од информирањето е сосема коректен. Користени се иницијали и прописна терминологија која овозможува да се зачува пресумпцијата на невиноста, бидејќи во овој случај сè уште станува збор за лице кое е осомничено, а не осудено.
Меѓутоа, проблемот настанува кога во написот што е предмет на оваа рецензија се додаваат податоци кои го откриваат идентитетот на осомничениот, па потоа личноста се осудува пред тоа да го стори судската власт. Исто така, објавена е фотографија и целосно име и презиме на личноста, што е недозволиво во постапка која не е завршена.
Таков е на пример овој фрагмент:
Дури и неговите родители лажеа дека се заразиле од клиент на фирмата од Србија иако и таткото и синот патувале во странство на 5-ти март и на 8-ми март. sdsm апелира до сите оние кои имале близок контакт со ова детиште разгалено од Карпош да одат веднаш да се тестираат за Корона или во најмала рака да останат во само изолација дома за да не заразат други луѓе кои можат да умрат.
Во овој конкретен пасус, меѓу другото, се сака да се покаже и дека лицето е блиско на владејачката партија. Арно ама, Ковид 19 не „избира“ по политичка провениенција, а впрочем, лицето можело да стапи во контакт со различни луѓе и од различни партии. Така што, ваквата конструкција освен што е непотребна е и нелогична
Според Кодексот на новинарите, новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста. Но, наспроти добрата новинарска практика, во овој текст има низа навредливи квалификации, стереотипизација и откривање на идентитетот.
Се поставува и прашањето како е возможно во време на пандемија, да се тврди дека политичка партија дала насока да се тестира нејзиното членство. Такво нешто не е сторено. И, всушност, поради пресумпцијата на невиност, никогаш не е ниту официјално објавен целиосниот идентитет на осомничениот.
Значи, на сосема коректно и прецизно известување кое е преземено од друг медиум, додадени се елементи како: фотографија, име и презиме, навреди, кои пак, може да предизвикаат лицето да биде нападнато и тоа не само вербално, туку и физички.
Во професионалните медиуми, коментарот и информативните жанрови се одвоени едни од други, а навредите не се користат како оружје против никого, независно од тоа какви силни чувства нечии наводни постапки предизвикуваат кај авторот.
Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.