Филипче не генерализираше дека пациентите заболени од коронавирус се со лесна слика

[Рецензија: Додека Филипче во емисија тврди како пациентите се со лесна слика, еден пациент почина по пат накај болница]

Текстот што го рецензираме уште со насловот ја дезинформира јавноста, бидејќи министерот за здравство, Венко Филипче во емисијата „Топ Тема“ на телевизија „Телма“ воопшто не генерализираше дека пациентите заболени од коронавирус се со лесна слика. Филипче уште на почетокот на емисијата најпрво опширно говореше за најтешката форма на болеста, а дури потоа се надоврза дека наспроти компликациите кои можат да настанат и смртноста, голем процент од заразените пациенти имаат лесен тек на болеста.

Линк до оригиналниот напис: Додека Филипче во емисија тврди како пациентите се со лесна слика, еден пациент почина по пат накај болница

Датум и време на објавување: 07.04.2020

Датум на рецензија: 09.04.2020

Рецензент: Силвана Жежова

 

Текстот вади од контекст фрагмент од  ТВ интервју на Филипче и користејќи го само тој дел креира погрешна слика за настапот на министерот и манипилура со граѓаните. Па, така уште на самиот почеток од написот се вели:

Вечерва додека министерот за здравство, Венко Филипче гостуваше на „Топ Тема“ и тврдеше како пациентите заболени од коронавирусот во Македонија се со лесна слика, стигна вест како еден пациент на 45 години патувајќи накај болницата „8-ми Септември“ починал од истиот вирус.

Но, доколку се ислуша целата емисија, ќе се забележи дека министерот уште на стартот од интервјуто зборува за тоа како изгледа тешката клиничка слика на пациентите, посебно оние кои се на респиратори.

Притоа објаснува дека сè уште се анализираат клиничките ситуации, зошто кај некои пациенти има лесна, кај други средна а кај трети тешка форма на болеста. Па напоменувајќи дека и младите не се поштедени од болеста кажа:

За жал има пациенти кои што се многу млади, немаат претходни болести, а има многу полош тек болеста. Сега излегуваат студии кои што кажуваат дека вирусот не ги напаѓа само белите дробови, туку ги напаѓа сите органски системи. Последната форма односно крајниот стадиум на болеста е попуштање на сите органи. За жал и кај нас имаше такви пациенти и сега има некои пациенти. Во последната фаза веќе не може пациентот да дише сам и се приклучува на респираторна машина. За жал, се покажува дека ниту респираторната машина не помага, заради тоа што се губи капацитетот на крвта, еритроцитите да се врзат за кислородот и тој да се дистрибуира низ сите органи. Според една студија, пациентите кои се на респираторна машина 96 проценти завршуваат со смртен исход. За жал и тоа не дава резултати, интензивниот третман на респираторна машина. Станува збор за предизвикувач кој ги напаѓа сите органи, кој ги напаѓа клетките на крвта, рече Филипче.

Тој во емисијата наведе и типични примери за тоа што се случува со некои органски системи, па дури на пациенти и кај нас, наведувајќи дека досега инфектолозите не виделе такво нешто.

За жал имаме и млади пациенти со целосно бришана структура на црниот дроб, а тоа се детектира на ехо, односно на наодот на Клиниката за инфективни болести. И еден многу типичен наод, на целосно пореметена структура на белите дробови, афектирано и до најситното ниво на структура на белите дробови. На некој начин распад на ткивото. И тоа е состојба од која нема враќање назад, без разлика на тоа, за каков тип на лекување станува збор, каква терапија, дали станува збор за респираторна машина или не, значи еден страшен тек на болеста, наведува Филипче во интервјуто.

И дури откако министерот го кажа тешкиот тек на болеста, посочи дека „огромен процент близу 60-70% имаат лесен тек на болеста и поминува како горно респираторна болест, како настинка, како обичен сезонски грип, едно средна тешка форма која апсолутно може да има излекување.“ Односно, го кажа делот којшто во овој напис намерно е изваден од контекст.

Фактички, на текстот што е предмет на анализа му недостасува многу битен дел од она што Филипче го кажа во емисијата, вклучително и за пациентите кои имаат тешка форма на болеста. Ваквиот нагласено селективен пристап и наменско користење на одделни парчиња од неговиот настап, се прави со цел во јавноста да се создаде впечаток дека и покрај тешката ситуација со коронавирусот, министерот има „лефтерен“ пристап.

Пациенти од коронавирусот умираат, не само кај нас, туку во цел свет. Ама овој текст, за жал, го злоупотребува случајот со 45 годишниот починат пациент за да го дискредитира министерот за здравство.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.