Фејсбук-новинарството – рај за непроверени вести

Фото: Pixabay

 

Медиумите се задоволуваат или со сѐ помалку извори или со послаби и непроверени извори. Поради ова, сѐ повеќе и повеќе грешки доаѓаат до израз дури и во насловите во медиумите што се сметаат за посериозни

 

Пишува: Ферикан Илјази

Во време кога социјалните медиуми земаа замав во многу области, вклучително и во областа на информациите, присутна е и негативна појава, која е штетна за квалитетното и професионалното новинарство. Одредени медиуми и новинари сè повеќе користат содржини објавени на социјалните медиуми како извор на информации без да ги проверат. Ова влијае на ширење на непроверена вест, која честопати е неточна или делумно погрешна и е чиста злонамерна пропаганда.

Избегнување верификација на информации на терен

Без разлика дали изворот потекнува од социјалните мрежи, од пријавувања на граѓаните или други извори што на прв поглед може да изгледаат релевантни, задача на новинарот е да ги провери сите информации што можат да се проверат на терен. Професионалните стандарди за новинарство бараат повеќе проверувања на терен, без оглед на изворите. Сепак, оваа практика во современото новинарство сè почесто се занемарува.

Медиумите се задоволуваат или со сѐ помалку извори или со послаби и непроверени извори. Поради ова, сѐ повеќе и повеќе грешки доаѓаат до израз дури и во насловите во медиумите што се сметаат за посериозни.

Поради напливот на овие текстови напишани набрзина само за медиумите да бидат први со објавување на вестите, се изработуваат текстови на кои им недостасува соодветен стандард на новинарство, а стравувам дека во иднина, погрешните или забранетите работи во новинарството ќе станат практика, бидејќи ние ќе станеме имуни кон нив.

Дури и кога разгледуваме текстови во проектот „Crithink“, успеваме да најдеме разни текстови за дезинформации или недостиг на добри информации, а причината за тоа е пренесување на веста во формата на „расипан телефон“. Секој пренесува вест од секого, и на крајот не се знае кој направил грешка бидејќи сите ја објавуваат истата вест.

Текстот „Прво се проверува, а потоа се објавува веста“ од проектот најдобро опишува што предизвикува и како изгледа непроверена вест, особено кога станува збор за чувствителни теми, како што е автобуската несреќа во село Ласкарци. Само еден текст на еден медиум предизвика бран брзи вести дека во несреќата загинале 15 лица, иако во моментот кога беше објавена веста, бројот на загинати не беше толкав.

Друг пример што ќе го илустрира проблемот со непроверени вести е текстот за оградата околу Владата. Од брзањето да се оцрни Владата и желбата да се објави „информација“ беше објавено дека оградата чинела 7 милиони евра, додека новинарите не се ни помачиле да ја потврдат оваа информација.

Во времето кога се произведуваа масовни текстови за вработување членови на семејствата на функционерите на СДСМ во државните институции, се објавуваа голем број невистини или полувистинити текстови, како што е текстот за вработување на синот на пратеникот Горан Мисовски. Без да се обиде да ја потврди веста од прва рака, авторот објавува текст во кој има напишано сериозни обвинувања, со нула верификација или аргументи.

Другиот текст „Исчезната девојка која се бара преку ’Фејсбук‘, не е од Шутка туку од Србија“, кој исто така е рецензиран во нашиот проект, ја открива сериозноста на објавување непроверена вест што често предизвикува паника кај граѓаните како што е случајот со сомнителното киднапирање деца. Постојано се објавуваа текстови дека наводно децата биле киднапирани на одредени места, но без потврда од МВР.

Разлика помеѓу „јавен интерес“ и „мрзливо новинарство“

Точно е дека во одредени случаи заради јавниот интерес медиумите можат да покренат прашања што не можат лесно да се проверат, со цел да се стимулира јавна дебата и реакција од страна на институциите. Сепак, тој пристап е прифатлив само кога јавниот интерес е голем, а и покрај сите напори на теренот, новинарот не успева да ја потврди веста. Потенцираме, и покрај сите напори на теренот. Објавувањето на информацијата без почитување на овој услов подразбира тенденција и не може да се камуфлира во јавниот интерес.

Демантот не ја покрива штетата од дезинформацијата

Објавувањето на какви било информации што се лесно достапни без да се проверат, покрај тоа што сериозно го оштетува кредибилитетот на медиумот и новинарот, им прави штета и на самите граѓани. Бидејќи секоја одлука на граѓаните, не само во политиката, туку и во секоја друга сфера на секојдневниот живот се заснова на информации. Брзото објавување на лажни вести создава перцепции што не се засноваат на факти и реалност.

Потоа веста може да се демантира од релевантните институции или лица или организации што се предмет на таа вест, но во повеќето случаи дезинформациите се шират многу побрзо и допираат кај многу повеќе читатели, отколку демантот. Ова се случува затоа што дезинформациите се со сензационален карактер, содржат бомбастични наслови или се осврнуваат на теми што се актуелни или се од интерес за читателите во моментот и контекстот во кои се напишани. Затоа, кога читаме вакви бомбастични написи, мора да видиме какви извори нуди новинарот. Дали се релевантни изворите, дали се независни и дали немаат некаков интерес за темата што се третира? Дали изворите се веродостојни на теренот и дали новинарот направил доволно напори да ги провери? Ако откриете дека одговорот на повеќето од овие прашања е НЕ, најверојатно се работи за дезинформација.