[Рецензија: ФОТО: Филипче со часовник вреден 5 илјади евра]
Рецензираме напис кој сугерира дека министерот за здравство Венко Филипче има часовник од марката „Омега“, кој, наводно, или го добил „по заслуга за справувањето со коронавирусот” или со „частење од сопствената плата”. Барем тоа се двете опции што ги дава непотпишаниот автор на текстот.
Линк до оригиналниот напис: Филипче со часовник вреден 5 илјади евра
Датум и време на објавување: 12.5.2020
Датум на рецензија: 12.5.2020
Рецензент: Мирослава Бурнс
Освен фактот дека часовникот на министерот за здравство Венко Филипче е од марката „Омега“, сè друго во овој текст е манипулација и спин. Прво, професионалните стандарди налагаат да се контактира оној што во текст се споменува, особено ако се имплицира прашање за него, но тука тоа правило не е испочитувано. Па, кој подобро од сопственикот на часовникот може да даде информација за тоа како го добил часовникот и кога?
„Критинк“ се обрати до министерот со прашањето од кога датира неговиот часовник и дали е набавен во време на справување на кризата со коронавирусот, на што добивме одговор дека часовникот му е од 2013 година.
Доколку непотпишаниот автор на текстот му се јавел на министерот да го праша за часовникот, би дознал дека часовникот е стар седум години. Во 2013 година, од кога го има часовникот што се проблематизира, Венко Филипче ниту бил министер ниту имаше пандемија на коронавирус, па оттаму ниту можел да се „почести” со часовникот од платата во пандемијата, како што зајадливо сугерира кусиот текст што води до линк од аукција за часовникот. А аукциите, како што е познато, таргетираат колекционери, кои се подготвени поскапо да платат за предметот.
Доколку се побара на интернет, сосема нов, неотпакуван часовник „Омега симастер дајвер“, чини околу 4.200 евра заедно со интернационална достава. Оттука произлегува дека непотпишаниот автор на цената ѝ додал 800 евра, веројатно, заради посилен впечаток.
Јавноста прашува дали часовникот Филипче го добил по заслуга за „справувањето“ со корона-вирусот или пак самиот се почестил од платата.
И наместо да се праша министерот, изгледа најлесно е прашањето да ѝ
се накалеми „на јавноста”. Меѓутоа, како што може да се забележи, „јавноста” е класичен метод што се користи кога нема оправдана причина да се актуализира часовник што е добиен во време кога Филипче не бил на јавна функција, туку, како што може да се види од неговата биографија објавена на веб-страницата на Министерството за здравство, неврохирург со штотуку завршена супспецијализација во Швајцарија.
Дополнително е прекршено правилото од новинарскиот Кодекс (член 13)да не се мешаат информативните и коментаторските жанрови.
Министерот за здравство Венко Филипче во својата колекција има часовник кој речиси никој просечен граѓанин во оваа земја не може да си го дозволи со ниту една плата, па дури и од неостварената на Заев од 500 евра.
Да се имплицира дека часовникот на министерот е нов, стекнат сега, во време на епидемија, прескап и недостапен за просечниот граѓанин, но без да се направи обид да се дојде до вистината, која е дека часовникот е од пред 7 години кога функционерот не бил ниту јавна личност ниту министер е крајно непрофесионално. Новинарот кога има прашања, треба да го консултира изворот што може да му ги одговори. Поседувањето часовник не е кривично дело!