Не можете да знаете каква старост ве чека, без разлика дали имате или немате деца

 

[Рецензија: Еве каква ужасна старост ве чека ако поради себичност, мрзливост, немате свои деца или не сте посвоиле, ќе се мачите како најголем грешник на стари години, никој нема да се грижи за вас]

 

Насловот на текстот што го рецензираме изобилува со напади, осуда, стигматизација и дискриминација кон 87-годишната професорка од Штип, за која друг медиум изворно ја напиша приказната со цел институциите да помогнат. Иако, во содржинскиот дел од написот приказната е целосно и точно пренесена, во насловот штипјанката се напаѓа и жигосува.

Линк до оригиналниот напис:Еве каква ужасна старост ве чека ако поради себичност, мрзливост, немате свои деца или не сте посвоиле, ќе се мачите како најголем грешник на стари години, никој нема да се грижи за вас

Датум на објавување: 2.5.2020

Датум на рецензија: 7.5.2020

Рецензент: Силвана Жежова

М….. К….., своевремено угледна професорка и директорка во гимназијата во Штип, денес на нејзини 87 години е беспомошна, болна и препуштена самата на себе. Старицата која боса, со крвави стапала и рани на нозете, вчера случајно ја забележал штипјанецот Александар Георгиевски како влегува во маркет, го оставила без зборови. Тој се загрижил од глетката, но ја изгубил жената од видик. Но, затоа кога денес повторно ја сретнал во Штип на улица, босонога и крвава на нозете, без двоумење се упатил кон неа, со цел да и понуди помош.

Содржината на текстот за 87-годишната штипјанка е пренесен корекетно, но од аспект на етичкото и професионално новинарство спорна е осудата во насловот: „немате свои деца или не сте посвоиле, ќе се мачите како најголем грешник на стари години, никој нема да се грижи за вас“, како и навредите „себичност, мрзливост“. Во насловната конструкција има произволни толкувања во кои преовладуваат леснотијата на осудата, говорот на омраза, стигматизацијата, па дури и половата дискриминација.

Во насловот на текстот што го рецензираме се прекршени два члена од Кодексот на новинарите, членот 7 и 10.

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, се вели во член 7 од Кодексот на новинари.

Приватноста на личноста не е испочитувана, а и приватниот живот на професорката не е предмет на јавен интерес.

Новинарот нема свесно да создава, ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…), се вели во член 10 од Кодексот на новинари.

Во насловот на текстот се врши и полова дискриминација со која се упатува една застрашувачка порака: „ако си жена, мора да родиш или да посвоиш дете за да не се мачиш како најголем грешник на стари години, а ако не го сториш тоа, си себична и мрзлива“.

Се разбира, ништо од она што е наведено во насловот не мора да биде вистина. Луѓето што немаат свои или кои не посвоиле деца во никој случај не мора да се ниту себични ниту мрзливи. Има безброј причини зошто некој нема свои или не посвоил деца, кои немаат врска со нечиј личен карактер. Ова особено важи за оваа професорка, која сигурно има едуцирано илјадници деца во својата професорска кариера. Потоа, дури и ако човек ако има деца, тоа не е гаранција дека тоа лице нема да има тешка старост. За жал, и во светот и во земјава има стари лица што се напушени и на кои никој не им помага без оглед на тоа што имаат свои деца. Таквите судбини воопшто не се невообичени и и тука причина може да бидат различни околности. Има стари лица чии деца се во затвор, на пример, и не можат да се грижат за своите родители, кои и самите се во тешка финансиска состојба и едвај самите излегуваат на крај, има стари лица чии деца се одамна заминати во странство и со текот на годините изгубиле контакт со семејството во земјава итн. Да се влечат заклучоци за себичност, мрзливост или да се влече заклучок дека причината за нечии проблеми во староста е недостигот на сопствени деца – се претпоставки извадени од ракав. А, како што е познато, новинарството не се бави, или барем не би требало да се бави со претпоставки, туку со проверени факти и информации.

Оригиналната приказна за професорката од Штип, која само е пренесена во медиумот чијшто напис го рецензираме, има цел да го сврти вниманието на институциите или нејзините најблиски роднини за да ѝ се помогне, бидејќи таа има очигледна потреба за помош. Но, она што, исто така, се поставува како прашање и се коси со новинарската етика е дали воопшто требало нејзиниот идентитет да биде откриен во медиумите или случајот требало да се решава по институционален пат? Одговорот на ова прашање веројатно лежи во тоа што искуството досега покажува дека сè додека ваквите приказни не бидат пласирани во медиумите, институциите се тромави за постапување и решавање. Досега има многубројни примери на решавање социјални и здравствени проблеми на граѓаните токму откако нивните приказни ќе одекнат во јавноста, а без претходно да се има слух од страна на надлежните.

И тоа е една од улогите на медиумите, да бидат во служба на граѓаните и преку нив да се слушне гласот на обесправените и на заборавените. Целта во овој случај е постигната, бидејќи како резултат на пишувањата на изворниот медиум, приказната допре до Центарот за социјална работа, но и до нејзиниот внук.

Насловот на овој текст, пак, кој ја презеде приказната се коси со сите професионални стандарди и е пример како не треба да се ставаат наслови и да се обработуваат пренесени написи.