Филипче не најави нови рестрикции, а пописот ќе се спроведе според здравствени протоколи

 

[Рецензија: Филипче најави нови рестриктивни мерки, ама за попис, зголемувањето на бројот на новозаразени не му смета]

Написот што го рецензираме е манипулативен и дезинформира. А, сакајќи и политички да поентира, текстот се претвора во вистинска каша-попара.

Линк до оригиналниот напис: Филипче најави нови рестриктивни мерки, ама за попис, зголемувањето на бројот на новозаразени не му смета

Датум и време на објавување: 01.03.2021

Датум на рецензирање: 03.03.2021

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот што е предмет на оваа рецензија шири дезинформации преку насловот и има за цел да манипулира со јавноста. На овој начин написот и политички поентира, односно сака да го оцрни министерот за здравство, Венко Филипче. Имено, насловот на овој текст содржи лажна информација. Тој тврди дека Филипче најавил нови рестриктивни мерки, ама за пописот не му сметал зголемениот број на новозаразени. Не е точно дека министерот Филипче најави нови рестриктивни мерки и дека по секоја цена Владата сака да се одржи пописот, како што имплицира насловот.

Самиот наслов се демантира подоле во текстот.

Во делот на мерките, тој потенцира дека дефинитивно е можно воведување дополнителни рестриктивни мерки, меѓутоа засега не.

Гледаме и следиме дали овој тренд ќе продолжи на овој начин до тој степен да биде ризик повторно да се оптоварат болничките капацитети и поради тоа што засега нема таква индиција сметаме дека ова е нешто што сега засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност, додаде Филипче.

Значи, можно е да се воведат нови рестрикции, но не сега, и тоа е јасно нагласено од страна на министерот. Но, написот продолжува да манипулира.

И додека министерот Филипче највува нови рестриктивни мерки, денеска започна првата фаза од спроведувањето на пописот, а тоа е дека од денеска ќе можат да се попишуваат луѓето од дијаспората.

Инаку ова може да се смета како малку контрадикторно од страна на властите. Од една страна министерот за здравство најавува нови рестриктивни мерки, додека пак од друга страна власта инсистира на одржување на пописот кој за опозициската ВМРО-ДПМНЕ е политичка а не статистичка операција.

Текстот ја убедува јавноста дека на Филипче не му сметало што имало голем број новозаразени и дека Владата, сепак, инсистира да спроведе попис. Она што написот заборавил да го спомне е дека пописот ќе се спроведува според претходно утврдени здравствени протоколи со цел заштита од ширење на коронавирусот.

Владата на седница одржана на 02.03.2021 година на предлог на Комисијата за заразни болести, го усвои Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година.

Како што објави „Телма“, здравствениоте протоколи, утврдени од Заводот за статистика и Комисијата за заразни болести, точно предвидуваат како ќе изгледа попишувањето од здравствено-безбедносен аспект. Попишувачот мора да носи маска КН-95. Веднаш треба да стави на нозете калјачи и да ги дезинфицира рацете. За да се избегне контакт со болни и изолирани граѓани, податоците, по можност, ќе бидат побарани од здрав член на семејството. Анкетата поврзана со имотот ќе трае максимум 15 минути, а со секој член на домаќинството поединечно – најмногу 5 минути. Престојот се сведува на минимум и никој не смее да извади маска, што значи – забрането е пиење кафе, вода или освежителни пијалоци, јадење и пушење цигари и тутун. Одржувањето дистанца е задолжително.

На крајот, текстот и политички поентира и вели дека „од една страна министерот за здравство најавува нови рестриктивни мерки, додека пак од друга страна власта инсистира на одржување на пописот кој за опозициската ВМРО-ДПМНЕ е политичка а не статистѕичка операција“.

 Каква врска имаат политичките ставови на опозицијата со безбедноста на пописот и со новиот број заболени од коронавирус?

Целиот текст е манипулативен. Тој креира погрешна слика во јавноста и сака политички да поентира со цел да се дискредитира Владата.