Владата не се подновува со пет нови Мерцедес џипови

На веб-страницата на Владата, во секцијата „Отворена Влада“, каде што може да се проверат јавните набавки, воопшто нема објавено оглас за набавка на возила за потребите на Владата. Објава за набавка на пет џипови Мерцедес Г класа не може да се најде ниту со пребарување на огласите на веб-страницата на Бирото за јавни набавки. За тоа дека станува збор за лажна вест реагираа и од Владата, од каде што тврдат дека никогаш не објавиле, ниту склучиле договор за ваква јавна набавка и дека се работи за фотомонтажа

Објава на социјалните мрежи, пласирана на повеќе профили на Фејсбук и Твитер шири невистини дека Владата се подновила со пет џипови Мерцедес Г класа. Оваа вирална (дез)информација изутринава беше демантирана од Владата.

Станува збор за пост кој делува како скриншот од напис на некој портал и во него се вели:

Пет џипови Мрецедес – Г класа вредни 1,5 милиони евра за потребите на Владата

Државата ќе потроши 1,5 милиони евра за обновување на возниот парк на владата. Станува збор за пет возила марка Мерцедес Г- класасо вредност од 300.000 евра за еден примерок.

Сите принтскринови имаат исти наслови и краток текст, а, исто така, се опремени со фотографии од Мерцедес, при што на профилите се користат неколку различни слики од оваа марка автомобили.

И на прв поглед изгледа како некоја кратка вест објавена  во медиумите, но на ниту еден пост не се гледа името на порталот, што личи манипулативно. Напис со ваков наслов и содржина, не може да се најде со пребарување на Интернет, единствено се појавуваат објавите на социјалните мрежи. Што, пак, отвора простор за сомнеж дека се работи за наменски креирана конструкција.

На веб-страницата на Владата, во секцијата „Отворена Влада“, каде што може да се проверат јавните набавки, воопшто нема објавено оглас за набавка на возила за потребите на Владата.

Објава за набавка на пет џипови Мерцедес Г класа не може да се најде ниту со пребарување на огласите на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.

За тоа дека станува збор за лажна вест  реагираа и од Владата. На официјалниот твитер профил на портпаролот на Владата беше објавен следниот демант:

Владата никогаш не објавила, ниту склучила договор за ваква јавна набавка. Податокот е лесно проверлив на веб страната на Бирото за јавни набавки. Станува збор за целосна фотомонтажа.

Ама наспроти тоа што се работи за неточна информација, објавата е широкосподелувана и коментирана на социјалните мрежи. Коментарите најчесто се во насока на тоа дека Владата е аздисана, се луксузира со скапи автомобили , а нема пари за лекување на болни деца, за лаптопи за учениците… Меѓу коментарите има и такви со недолична и вулгарна содржина:

“М”ам*цата у “Г”*

Пес мајката да ви ја е**т

Па и клетви, како што е, на пример, оваа под еден од постовите објавени на Фејсбук.

Аир да не видат до 7 мо поколение…. идиоти

Инаку, само една од овие објави на Фејсбук, во моментот кога е пишувана оваа рецензија има над 400 интеракции (допаѓања, коментари и споделувања).

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.