Фотографија со јагуар од 2016 г. се шири како вест за тековните пожари во Бразил

 

Во низа случаи, добронамерни граѓани кои сакаат да поттикнат решавање на некој општествен проблем се ставаат во улога на преносители на неточни информации со кои, навидум, се поддржува нивната кауза. Така, на пример, граѓани загрижени за ситуацијата со Амазонија, по „Фејсбук“ шират слики од наводно спасување јагуар од тековните пожари во Бразил.

Всушност, се работи за фотографии од јагуарот наречен жикитаја (Jiquitaia – вид луто пиперче), кој како младенче бил припитомен од бразилски војници. На двегодишна возраст, во 2016 година, бил снимен од фотографот Ноне Мегеуира. Јагуарчето така станало јунак на репортажа објавена во 2017 година. Истите оттогаш се често преобјавувани, па многу од нив се наоѓаат со опцијата за пребарување фотографии на „Гугл“.

Уште една неточна информација, која се провлекува, е дека се работи за леопард. И јагуарите (Panthera onca) и леопардите (Panthera pardus) се животни од семејството големи мачки, кои изгледаат слично – помали се од лавовите и тигрите, а крзното има карактеристични шари слични на кругови.

Сепак, иако се роднини, меѓу јагуарите и леопардите има низа разлики. На пример, во природата јагуарите живеат само во Јужна и Средна Америка, додека леопардите во Африка и Азија. Јагуарите се нешто помускулести, а леопардите се повитки.

И кај двата вида може да се јават индивидуи со (речиси) црно крзно, кои се нарекуваат црн пантер.

За тие што сакаат одблизу да ги сретнат овие животни, во Зоолошката градина во Скопје има примероци и на јагуар и на леопард.

 

Исправка: По објавувањето на овој напис тимот на „Критинк“ дозна дека првобитната фотографија била снимена во 2016 година, по што беа извршени корекции во насловот и текстот каде што информиравме дека е од 2017 година.