Форум од областа на безбедноста, отворен од Претседателот на Републиката, не е „настан од приватен карактер“

 

[Рецензија: Директорот на ДБКИ се развозува со службени возила на приватни настани]

 

Овој напис е тенденциозен и има цел да го оцрни директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Притоа, обвинувањата во написот се лажни.

Линк до оригиналниот напис: Директорот на ДБКИ се развозува со службени возила на приватни настани

Датум и време на објавување: 25.8.2019

Датум на рецензирање: 26.8.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Насловот на написот што е предмет на оваа реценија е бомбастичен и најавува голем скандал и злоупотреба на службена положба.

Продолжуваат скандалите кои го следат Директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Стојан Славески. До нашата редакција пристигнаа фотографии на кои недвосмислено се забележува како Славески ги злоупотребува службените возила на Дирекцијата, со цел да се појави на настан од приватен карактер.

Имено, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Стојан Славески, е обвинет дека го користел службеното возило за приватни цели. Тоа е „бомбастичната“ вест пропратена со фотографија на која Славески е заокружен со црвена боја.

Но веднаш потоа, написот сам се демантира.

Имено, деновиве во Охрид се одржува Безбедносниот форум на поранешни алумни на Маршал Центарот, на кој настан може да се забележи директорот Славески. И тоа би било во ред, доколку пред хотелот во кој се одржува настанот, не беше забележано едно од службените возила на ДБКИ, кое верно во сенка го чекаше својот „сопственик“. Се работи за возило марка Хјундаи Туксон, кое Славески за повеќе од 20.000 евра си го купи за себе веднаш по стапувањето на функција, во набавка која имаше само еден понудувач.

Текстот самиот открива дека се работи за јавен настан и тоа за „Безбедносниот форум на поранешни студенти/алумни на Маршал-центарот“.

Значи, директорот Славески на настанот бил присутен службено, а не приватно, и оттука нема ништо спорно во тоа што отишол со службеното возило. На отворањето на Форумот беше присутен и говореше и претседателот Стево Пендаровски. Дали и Пендаровски требало да дојде со приватно возило, иако е повикан да го отвори настанот? И ако е проблем што Славески дошол со службено возило, зошто тоа не е проблем за претседателот Пендаровски?

Според тоа, сосема неосновано е обвинувањето дека директорот Славески го злоупотребил службеното возило за приватни настани. Конечно, како е можно присуството на шефот на Дирекцијата за БЕЗБЕДНОСТ на класифицирани информации на настан кој во името ги содржи зборовите „БЕЗБЕДНОСЕН форум“, да е во приватно својство?

Целиот текст е тенденциозен и има цел креирање лажна слика во јавноста со цел манипулирање и извртување на фактите преку бомбастичен наслов. Насловот на текстот и констатацијата од самиот почеток не се ништо друго освен една голема невистина. Задача на новинарот не е да шири невистини, туку да информира. Во случајов, немаме информација, туку пласирање дезинформација.