[Рецензија: Владата не го погреши знамето на Србија – Брнабиќ пречекана без знаме]
Насловот на текстот што го рецензираме, кој вели дека српската премиерка Ана Брнабиќ е пречекана без знаме пред Владата, е лажен. Според фотографиите од официјалниот пречек може јасно да се види дека знамето на Република Србија е поставено на јарбол веднаш до македонското знаме. За манипулацијата од насловот да биде поуспешна, избрана е фотографија на која се гледа само македонското знаме.
Линк до оригиналниот напис: Владата не го погреши знамето на Србија – Брнабиќ пречекана без знаме
Датум и време на објавување: 26.8.2019
Датум на рецензија: 26.8.2019
Рецензент: Силвана Жежова
За секој случај и против сите резили српската премиерка Ана Брнабиќ денеска беше пречекана на платото пред Владата без знаме.
Алудирајќи на гафот на Владата, кога австрискиот канцелар Себастијан Курц беше пречекан со погрешно знаме, во текстот се изнесува лажна информација дека српската премирка, пак, била пречекана без знаме, наводно за да не се погреши државата.
Освен што на официјалните фотографии јасно се гледа дека знамето на Република Србија го има, демант стигна и од Владата.
Знамето на Република Србија се вееше заедно со знамето на Република Северна Македонија на платото пред Владата. Сите објави дека немало српско знаме се дезинформации, се вели на твитер-профилот на Владиниот портпарол.
Знамето на Република Србија се вееше заедно со знамето на Република Северна Македонија на платото пред Владата. Сите објави дека немало српско знаме се дезинформации. pic.twitter.com/40OeLssOIq
— Портпарол на Влада на РСМ (@portparolVRSM) August 26, 2019
Денеска на прес-конференцијата на премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ големо внимание беше посветено на лажните вести. Според премиерот Заев, „лажните вести можат да направат и непријатели меѓу земјите што се пријатели.“
Многукратното повторување на вистината за да можат читателите и гледачите да разграничат што е лажна вест, а што не, во моментов е едниствениот начин на кој политичарите можат да се борат против лажните вести, рече Заев.
Според српската премиерка Ана Брнабиќ, сè додека има поголем број конкретни инцијативи, заеднички проекти и добри идеи, директна комуникација и меѓусебни посети, тоа дава многу појасна слика за меѓусебните односи помеѓу двете земји отколку лажните вести.
Речисти во исто време додека двајцата премиери зборуваа за лажните вести, веста за знамето се појави на неколку медиуми. За работите да бидат уште полоши, овде, во конкретниов напис што го рецензираме, станува збор за свесна и намерна, а никако за случајна или ненамерна дезинформација, односно за грешка. Како што може да се види на фотографиите од рецензираниот напис, тие имаат печат преку нив кој го содржи логото на медиумот (ова се прави за да се обесхрабри нивното преземање без дозвола од страна на други медиуми), што значи дека не станува за преземени, пренесени или за агенциски фотографии, туку за фотографии на самиот медиум. Тоа, пак, покажува дека претставници на медиумот, чиј напис го рецензираме овде, биле на самото место и многу добро го виделе српското знаме, но и покрај сето тоа намерно е објавена дезинформација.