Пиши-бриши новинарството е надвор од професионалните стандарди

[Рецензија: Дамјан Манчевски поттикнува насилство и повици за ликвидација (ФОТО)]

 

Текстот што го рецензираме прави обид за оцрнување на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, со тврдење дека поттикнувал насилство и повици за ликвидација, преку објавен Фејсбук статус.

Линк до оригиналниот напис: Дамјан Манчевски поттикнува насилство и повици за ликвидација (ФОТО)

Датум и време на објавување: 25.8.2019

Датум на рецензирање: 29.8.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Имено, написот се повикува на статусот што министерот на  го објави „Фејсбук“ на 24 август 2019 г и во кој се вели:

Според кој стандарди Инфомакс е медиум? Нема адреса, нема импресум, не се знае сопственоста… Класичен пример на извор за лажни вести. На порталот има реклама – линк до бугарскиот мобилен оператор Теленор. Текстот е на руски јазик. Хаос. Техничка грешка или некој плаќа за ваква реклама?Прашањето го упатувам и до медиумските организации кои повикаа политичарите да не реагираат на вакви класични примери на лажни вести. Тогаш се прашувам кој. Кога веќе конечно ќе ја видиме таа саморегулација? И ААВМУ одлучи да застане во одбрана на лажните вести и на фантомските портали. И покрај тоа што цело време ААВМУ тврди дека не може да врши никаков надзор над порталите. Веќе знам и дека дел од коментарите на постот ќе бидат зошто нешто не преземеме. Одговорот е дека работиме согласно закон и дека веднаш ќе се протолкува како притисок. Свесен сум дека за многумина ова не е она што сакаат да го слушнат, ама тоа е вистината. А, за вистината и стандардите во медиумите…? Се уште верувам дека саморегулацијата ќе даде резултати. Се надевам во мојот животен век.

По ова, медиумот, следејќи ги коментарите на граѓаните, објавени под статусот на министерот, го извлекува заклучокот кој е во фокусот на овој напис.

Откако синоќа на полноќ напиша статус со кој целосно сам себе се дискредитира, министерот Дамјан Манчевски со статусот ги поттикна граѓаните да се закануваат со ликвидација на новинари.

Во прилог на ваквата констатација, пренесени се дел од коментарите на граѓаните кои, според написот, повикувале на насилство.

Но, кога ќе се погледнат истите, ќе се види дека станува збор за само една личност која оставила таков коментар и кој гласи:

Само ликвидација за такви.

Во другите коментари никаде нема повици за насилство и за ликвидација на новинари. Значи, написот генерализира и извлекува погрешен заклучок. Коментарот на еден граѓанин се злоупотребува за да се дискредитира министерот Манчевски. Новинарот не смее да генерализира и да наведува. Неговата задача е да информира. Ваквото извлекување заклучоци, водејќи се само од еден коментар, не е ништо друго освен обид за манипулација.

Во моментот кога го рецензираме текстот, мора да нагласиме, дека тој е веќе тргнат од страницата. Ваквото „скришно“ отстранување на објавен напис, кој веќе предизвикал негативни реакции во јавноста, не е соодветно на професионалните новинарски стандарди. Доколку редакцијата или уредниците утврдиле дека написот не ги задоволува професионалните стандарди на професијата (без оглед дали нивните редакциски или оние поместени во етичкиот кодекс или кодекси што редакцијата ги следи или на кои е евентуално потписник) тоа требало да се каже и да следува извинување. Со вакво „скришно“ отстранување на написот само се добива впечаток дека редакцијата се обидува да ја прикрие сопствената непрофесионалност преку нова непрофесионална постапка.