На буква, на буква „П“ – примитивизам

 

Кога љубопитната Пандора ја отворила кутијата што не смеела да ја отвори, од неа излегле сите зла на овој свет и се разлетале насекаде. Кога, пак, македонскиот премиер Зоран Заев, во обид сликовито да покаже колку е револтиран од бурата што ја крена обелоденувањето на аферата „Рекет“, неумесно го употреби „зборот на буквата П“, од Пандорината кутија излезе вистински натпревар во политичка, медиумска и лична некултура

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Прашањето „Зошто владата на Заев се однесува ’педерски‘ кон Србија?“ беше поставено од страна на ТВ „Алфа“ во контактна емисија, при што ваквиот уредувачки потег претставуваше јасна алузија на гафот на Заев само неколку дена порано. На некој начин, тоа беше кулминација на трендот што го започна токму македонскиот премиер, но, обидот да се исмее Заев неславно пропадна, оставајќи зад себе реа на невкус, маскирана со евтин, панаѓурски „штос“.

 

ПАДНА БРАНАТА, СЕ ИЗЛЕА НЕВКУСОТ

На 13 август, во одговор на новинарско прашање, премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја аферата „Рекет“, рече дека нема да дозволи некој да го инволвира него, ниту, пак, како што рече „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ да ја срушат Владата. Заев го употреби зборот „педер“ со своевидно дообјаснување („Да ми извинат од ЛГБТ заедницата“), што не оставаше дилема дека овој збор бил употребен смислено и во пејоративна смисла. Гафот на премиерот предизвика лавина реакции во јавноста, а на темата, разбирливо, се надоврза и опозицијата, барајќи од Заев да се извини од, како што кажаа, „навредите врз база на сексуалната ориентација“ што не можеше, а да не измами потсмев заради фактот што ВМРО-ДПМНЕ 11 години премолчуваше и директно промовираше насилство кон ЛГБТ-заедницата и нејзини претставници.

Претседателот Стево Пендаровски ја оцени изјавата на премиерот Зоран Заев како непримерна, со речник што може да навреди цели категории наши граѓани. И го повика премиерот да се извини. Соочен со жестоки критики, Заев ретерираше, па така „педерите“, криминалците и суетните новинари станаа „криминалци, манипулатори и измамници“, а тој побрза да се извини и на ЛГБТИ: Тој збор го употребив за да дадам карактерна особина, а не да означам сексуална припадност. Ќе се борам за нивните права, како и досега, напиша Заев на „Твитер“. Но, несреќната изјава на Заев како да ја дупна браната на воздржаност од вулгарности и навреди, па на порталите и по социјалните мрежи осамнаа многу наслови или објави што го користеа истиот збор, со истата, навредлива конотација: „Многу педерски, премиере, многу педерски“, „Не со тие педерски финти, Никола“, „Еден геј не може да сруши влада, многу педери можат“.

 

ПРОВОКАЦИЈА ЗА ПОЛИТИЧКА УПОТРЕБА

Обидот на ТВ „Алфа“ на истиот начин да му одржи лекција на Зоран Заев и на македонската јавност околу нивото на јавната комуникација и користењето навредувачки вокабулар, во таа смисла, сосемa се вклопи во малограѓанскиот сеирџиски амбиент од кој боледува јавниот простор во Македонија. Но, изборот да оди со емисија со таков наслов, на денот на официјалната посета на српската премиерка Ана Брнабиќ на Македонија, за да манифестира божемна загриженост од антисрпската политика која, наводно ја води владата на Заев кон северниот сосед, носи во себе многу посериозни политички мотиви од дисциплинирањето на речникот на шефот на владата.

Играјќи на картата на евтин чаршиски мангуплак, медиумот доби поени само за успешна промоција на невкусот, кичот и политичката некултура. Тоа што во контактната емисија под наслов „Зошто владата на Заев се однесува ’педерски‘ кон Србија?“ имаше исто толку невкусни коментари на гледачите колку што беше невкусен насловот, зборува за самиот медиум исто колку и за културното ниво на соговорниците.

Едно од двете новинарски здруженија, Асоцијацијата МАН, пак, побрза да го објасни овој гаф на ТВ „Алфа“: „насловот го гледаме и разбираме како иронија и критика на речникот на премиерот“ со напомена дека Владата го легализирала тој начин на пежоративно изразување и со тоа го загубиле правото да критикуваат друг кога јавно го употребува.

СДСМ ја обвини телевизија „Алфа“ дека е против добрососедските односи со Република Србија,кои со децении се градат меѓу двете држави, дека шири лажни вести и со манипулации се обидува да им наштети на граѓаните и државата. „Алфа е дел од медиумите што работат под диктат на Никола Груевски и кои се ставени во одбрана на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ“, смета СДСМ.

Не е тајна дека уредувачката политика на ТВ „Алфа“ е блиска до ставовите и политиките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Имајќи го ова на ум, потегот телевизијата да оди со ваков спорен наслов може да се поврзе со моментот кога фокусот на домашната и на регионалната јавност е на посетата на Брнабиќ на Македонија и на меѓусобните односи оптоварени со одбиеното барање за екстрадиција на Косовецот Томор Морина, како и скорешниот дополнителен важен тест – гласањето за прием на Косово во Интерпол.

Божемното ставање на ТВ „Алфа“ во одбрана на Србија од актуелната власт во Македонија поради ова игледа како лажна загриженост и собирање поени во полза на ВМРО-ДПМНЕ за сметка на СДСМ.

 

КОГА ЈАВНИОТ ПРОСТОР ПАТИ ОД ПРИМИТИВИЗАМ И НЕТОЛЕРАНЦИЈА

Нудејќи политика зачинета со ниски страсти, медиумот падна на испитот по новинарство. „Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста“, стои во Кодексот на новинарите на Македонија. Тој потсетува и дека „новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…) и оти новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности.

Би рекле – не само да се придржува, туку и да ги воспоставува и негува онаму каде што недостасуваат, а јавниот простор во земјава пати од примитивизам и нетолеранција. Така, без оглед на политичките мотиви зад невкусниот наслов на ТВ „Алфа“, најголем пораз доживеаја стандардите на новинарската професија кои мора да ги негува секој сериозен медиум за каков претендира да се претставува оваа телевизија.