Фотомонтажа е фотографијата со албанското знаме од „селфи“ на Заев во емисијата „Еден на еден“

 

Фотографијата на лидерот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, на која тој прави „селфи“ во позадина со луѓе што наводно држат албанско знаме, е фотомонтажа која се шири на социјалните мрежи. Оригиналната фотографија е направена по снимање на забавната емисија „Еден на еден“, каде што Заев гостуваше и по снимањето  направил „селфи“ со публиката.

Линк до оригиналниот напис: Една слика многу црепови

Датум и време на објавување: 21.2.2020

Датум на рецензија: 24.2.2020

Рецензент: Силвана Жежова

На фејсбук-профилот на забавната емисија „Еден на еден“ е објавен и текст со оригиналната фотографија, која е предмет на монтажа, а како најава за гостувањето на Заев.

„Зоран Заев ќе му биде гостин на Жаре во ’Еден на Еден‘ во емисијата што ќе се емитува во недела, од 18.30 на Канал 5. Опуштен и расположен, поранешниот премиер дојде на снимање, а по снимањето направи едно селфи со публиката,“ се вели во текстот што е најава за емисијата што се емитуваше на 23 февруари (недела).

На лажната фотографија на која е монтирано албанското знаме, излегува како публиката истото да го држи. На оригиналната фотографија, нема албанско знаме.

На социјалните мрежи се ширеа и други фотографии од Заев со албанско знаме проследено со коментари „Призна, ние не сме македонска партија“.

Ваквите коментари и фотомонтажи, најверојатно, се поттикнати од изјавата на Заев дека СДСМ „ќе смогне сили да направи предизборна коалиција со албански партии“, но и дека „не се македонска, туку мултиетничка партија“.

„Ние веќе не сме македонска политичка партија – ние сме мултиетничка партија со доминантно македонско гласачко тело, но таков ни е и етничкиот состав на државата,“ изјави Заев.

Со фотографиите на Заев со албанското знаме се прави обид СДСМ да се прикаже како албанска партија. Но, според изјавите на лидерот на партијата, едно е да кажете дека „ќе се обидете да направите коалиција со албанските партии“, а сосема друго дека „СДСМ повеќе не е македонска, туку мултиетничка партија“. Мултиетичноста не ги вклучува само Албанците, туку и другите припадници на етнички заедници што живеат во државата. А коалицирањето помеѓу македонски и албански политички партии не е ништо ново на политичката сцена.