Фрагмент од изјавата на Бочварски (зло)употребен за рафален напад 

[Рецензија: Градоначалникот на Штип Бочварски ги обвини штипјани за заразата и моменталната ситуација во Штип!]

Во овој текст имаме обвинување за градоначалникот на Штип преку манипулација со неговата изјава извадена од контекст, дека тој, наводно, го обвинил народот за зголемениот број заразени со вирусот на Ковид 19.

Линк до оригиналниот напис: Градоначалникот на Штип Бочварски ги обвини штипјани за заразата и моменталната ситуација во Штип!

Датум и време на објавување: 1.6.2020

Датум на рецензија: 2.6.2020

Рецензент: Стојан Синадинов

Медиумот уште во првата реченица од текстот му пресудува на „таткото на градот“ дека тој го обвинил сопствениот народ:

Таткото на градот го обвини својот народ… Го обвини оној народ кој му укажуваше нему и на останатите надлежни дека газдите на конфекциите се иживуваат со текстилниот работник!

Како „материјал“ за ваквиот напад медиумот користи фрагмент во траење од 20 секунди, во кој изјавата на градоначалникот на Штип, Благој Бочварски (дадена за друг медиум), не е ниту постирана во целост ниту интерпретирана како што треба во пишана форма.

Во текстот се тврди дека сликите од 60 текстилни работници што патуваат со автобус до своите работни места биле објавени уште пред 2 месеца и притоа се додава:

Сега кога прстот е вперен кон него, Бочварски кој деновиве го гледаме низ кафулињата во Штип ги обвини текстилците, а не нивните газди… Го обвини народот, а не љубителите на пари што како газди попрво ќе го изберат богатството отколку здравјето и животот на луѓето.
Го обвини народот затоа што како менаџер на Општината потфрли во пакет со неговите соработници…

Но, градоначалникот и во таа „исечена“ изјава вели:

Во изминатиов период јас бев задоволен бидејќи Штип добро се справуваше на почетокот со Ковид 19, бидејќи го запревме првиот налет, но мало опуштање, пред сè на граѓаните, невнимание, превозот во автобусите

Тука изјавата е веќе пресечена, но порталот го започнува својот „рафал“.

Најпрвин, ако никој не реагирал на сликите од 60 текстилни работници што патуваат со автобус до своите работни места, кои биле објавени уште пред 2 месеци, тоа значи дека, како што тврди градоначаникот, градската власт добро се справила со првиот бран на Ковид-19, што покажува и малиот број заразени пред два месеца.

Градоначалникот во оваа (полу)изјава воопшто не го обвинува народот и не ги глорификува газдите на текстилните конфекции. Во изјава за друг портал, коректно пренесена, градоначалникот вели:

Новозаразените се резултат на контактите што ги оствариле со заболените, но и при транспортот со автобускиот превоз што го користеле да стигнат на работа. Затоа, ја поддржувам одлуката за затворање на текстилните фабрики, која важи до 7 јуни, и да почекаме да видиме дали мерката ќе даде резултати. На денешниот состанок на општинскиот кризен штаб стана збор и за евентуално воведување карантин во градот, но јас реков дека сум против рестриктивни мерки и враќање на полицискиот час затоа што така ќе застане работата на транспортните и на другите компании воопшто. Сакам да додадам дека се врши секојдневна дезинфекција на градот, а сите општински институции во Штип се на располагање во борбата против корона-вирусот. Ги повикувам граѓаните да бидат дисциплинирани за да се избориме со овој нов бран.

Еден од основните принципи наведени во Преамбулата на Кодексот на новинарите вели дека новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Но, исто така, Кодексот  прецизира дека почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Освен Преамбулата, текстот што го рецензираме прекршува уште два члена од професионалниот Кодекс:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно (член 1).

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда (член 8).

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.