Не е точно дека највисокиот број на новозаразени од почеток на епидемијата е 58 

[Рецензија: 58 новозаразени со Ковид-19 за едно деноноќие, најмногу од почетокот на пандемијата]

Рецензираме текст во којшто се тврди дека се дијагностицирани 58 пациенти со корона-вирус во едно деноноќие. Оваа информација не е точна, станува збор за 52 новозаболени. Дополнително се тврди дека највисокиот број новозаразени е 58, што исто така е неточно, бидејќи во средината на април има регистрирано 107 случаи во еден ден и тоа досега (30.5.2020) е највисоката бројка. Освен тоа, информацијата е објавена неколку часа пред Министерството за здравство да излезе со официјалната статистика на денот, што значи дека не е базирана на официјални информации.

Линк до оригиналниот напис: 58 новозаразени со Ковид-19 за едно деноноќие, најмногу од почетокот на пандемијата

Датум и време на објавување: 29.5.2020

Датум на рецензија: 30.5.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

 

Властите апелираа во текот на епидемијата да се користат само официјални извори за точно и прецизно информирање на јавноста за состојбата со пандемијата околу новите бројки, препораки, уредби… Наспроти тоа, во овој текст уште во насловот (кој подоцна е сменет) неточно се тврди: „58 новозаразени со Ковид-19 за едно деноноќие, најмногу од почетокот на пандемијата“. Потоа истото тврдење е искажано и во содржинскиот дел на текстот

И во екот на заразата со Ковид 19 никогаш досега немало 58 новозаразени во еден ден. Од среда, 27 мај, владата го укина полицискиот час, кој беше на сила повеќе од два месеци, а од вчера работат кафеаните и рестораните по посебни протоколи.

Но, во посочениот ден (29.5.2020), како што подоцна официјално се обелодени, регистрирани се 52 случаја на корона-вирус.

Независно дали интенцијата на текстот е да се наметне теза дека укинувањето на полицискиот час и отворањето на кафеаните и рестораните се причина за зголемениот број дијагностицирани случаи во денот, но сигурно е дека овие две работи не придонеле за оваа бројка од 52 новозаразени, од причина што инкубацискиот период на вирусот е 14 дена. Значи, овие 52 нови случаја за кои што е известено во текот на денот, се последица на однесување за време на полициски час.

Понатаму, неточно се тврди и дека „ова е најголемиот број новозаразени со Ковид 19 од почетокот на епидемијата кај нас”. На 16.4.2020 година е објавена статистика на Институтот за јавно здравје, во која е наведено дека се дијагностицирани рекордни 107 случаи на Ковид 19 во едно деноноќие.

Инаку, подоцна првичниот наслов на текстот: „58 новозаразени со Ковид 19 најмногу од почетокот на пандемијата“, е поправен и сега гласи: „58 новозаразени со Ковид 19 за едно деноноќие, најмногу по пауза од еден месец”.

Во написот, исто така, се наведува дека во моментот на објавата заседавала Комисијата за заразни болести. Затоа е нејасно зошто тогаш се избрзало да се објави информацијата за дневната статистика, кога е евидентно дека таа се добива секој ден, без исклучок во исто време за сите медиуми. На ваков начин, неточно се информира без да се почекаат официјалните податоци вклучувајќи ги и информациите за околностите што ја објаснуваат бројката на новозаболени (исти кластери, прекршувања на решенијата за изолација…).

Да сопоменеме и дека овој напис се повикува на друг медиум, наведен е и линк, ама, сепак, ова не ја намалува неговата одговорност при пласирањето погрешни информации. Впрочем, должност на новинарот е да ја провери секоја информација пред да ја објави. Тоа е јасно прецизирано во Членот 1 од Кодексот на новинарите во кој, меѓу другото, е наведено дека:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.