Од премногу кратење до нејасна вест – повикот на Црвениот крст остана неразбран

 

Оригинален напис: Црвен крст повикува на прекин на кибер-нападите врз здравствени установи

Датум на објавување: 26.5.2020 

Датум на рецензија: 29.5.2020

Рецензентка: Ана Мишковска Кајевска 

Начинот на кој почнува веста, „Лондон, 26 мај 2020“, укажува дека се работи за превод на агенциска вест. Меѓутоа, во објавата на македонски ниту е наведена информативната агенција ниту е вметнат линк до изворниот текст. Пребарувањето на интернет и споредбата на содржините покажа дека се работи за вест на агенцијата „Ројтерс“.

Ненаведувањето на изворот на веста се коси со правилата на „Ројтерс“ за преземање на нивните содржини. Истовремено, Кодексот на ЗНМ наведува во точката 4 дека „новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити“. Бидејќи во случајов се работи за агенциска вест, никако не станува збор за барање за анонимност што треба да се испочитува. Изворот морало да биде наведен.

Иако медиумите имаат право да ги скратат агенциските вести при објавувањето, сајтот има направено кратење што доведува до губење битни информации и значително намалување на информативната вредност на објавата. Покрај печатните и правописните грешки, наместа се направени и грешки и непрецизности при преводот што дополнително го намалува квалитетот на информацијата.

Така, изворната реченица „whose mission is to prevent the internet from becoming ‘weaponized‘” е преведена како „чија мисија е да спречат злоупотреба на интернет“. Иако кибер-нападите навистина претставуваат вид злоупотреба на интернетот, избраната конструкција има прешироко значење и како таква дава погрешна информација за институтот (CyberPeace т.е. Сајберпис) за чија мисија станува збор.

Попрецизно кажано, злоупотреби на интернетот се, на пример, и кибер-силеџиството и дистрибуцијата на детска порнографија, но конкретниот институт се занимава исклучиво со заштита од кибер-напади. Посоодветен превод, кој подобро би го пренел изворното значење, би бил: „чија мисија е да ја спречи употребата на интернетот како оружје“. Задржувањето на поимот „оружје“, кој е содржан во изворниот текст, е потребен и за подобро разбирање на тежината на проблемот.

Понатаму, написот во целост го изоставува последниот пасус од изворната вест. Со изоставувањето на овој пасус се губат информации што се од исклучителна важност за разбирање на актуелноста и големината на проблемот. Се работи за информации за начинот како биле извршени кибер-нападите (со компјутерски вируси, при што на нападнатите здравствени и истражувачки институции им бил оневозможен пристапот кон сопствените податоци), целта на овие напади (изнуда, барање откуп или кражба на податоци за третманите на КОВИД-19), времето на случување (изминативе неколку месеци), како и за информацијата за поврзаноста на некои хакерски групи со влади на држави.

Со други зборови, без овие информации не е сосема јасно како тоа кибер-нападите претставуваат „закана за човечки животи“. Без нив останува нејасно и зошто писмото, кое е предмет на изворната агенциска вест и со кое се бара запирање на конкретните кибер-напади, било потпишано од дури 42 еминентни светски политички и деловни дејци, меѓу кои и претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Наместо да укаже на ургентноста на проблемот, веста, така како што е објавена, ја намалува неговата релевантност.