Граѓаните нема да останат без леб, залихи на брашно и пченица има

[Рецензија: (Видео) ЌЕ ОСТАНЕМЕ БЕЗ ЛЕБ?: Резерви пченица имаме за 26 дена, камиони ја товарат и носат во Косово?]

Насловот на текстот што го рецензираме предизвикува паника дека македонските граѓани ќе останат без леб, а тврдењето не е поткрепено со никакви докази. Информацијата најостро ја демантираше министерот за економија, Крешник Бектеши, кој уверува дека брашно и пченица има доволно, а исто така, дозволен е и увоз од Србија, Бугарија и Унгарија.

Линк до оригиналниот напис:(Видео) ЌЕ ОСТАНЕМЕ БЕЗ ЛЕБ?: Резерви пченица имаме за 26 дена, камиони ја товарат и носат во Косово?

Датум и време на објавување: 18.03.2020

Датум на рецензија: 19.03.2020

Рецензира: Силвана Жежова

Во текстот се наведува:

Камионите се со косовски регистарски таблички, а нашите извори велат дека тие ја извезуваат македонската пченица токму во Косово. Неофицијално Инфомакс дознава дека стокови резерви на пченица, Македонија има уште за само 26 дена. Со оглед на тоа што речиси целото соседство забрани извоз на пченица, се поставува прашањето од каде нашата држава ќе увезе суровина за да граѓаните не останат без леб, а доколку пак истата се увезува цените на лебот нагло ќе пораснат.

Кога пишувате дека македонските граѓани би можеле да останат без леб, посебно кога имаме вонредна состојба со коронавирусот, тогаш мора да изнесете сериозни докази за да го поткрепите тврдењето. Објавени фотографии од камиони со косовски регистарски таблички, како и видео снимено од автомобил со „лабава“ музика во позадина, не се никаков доказ за вакво сериозно тврдење – дека пченицата се товари и се извезува во Косово.

Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската групација при Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ изјави дека залихи на брашно има за цел месец, а интензивно се увезува пченица за навреме да се обезбедат и дополнителни количини, соодветно на потребите.

На последните два состанока во Министерството за финансии известивме дека, според наша проценка, залихите кај приватните млинови се за околу еден месец. Пченица за производство на брашно од Србија можеме да увезуваме, како и од Бугарија и од Унгарија. Всушност, од регионот нема забрана за увоз на пченица. Регионалните влади усвоија протокол за возачите-транспортери. Тие треба да се придржуваат до протоколот за да не бидат во карантин како другите патници и за да функционира размената,“ изјави Малишиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, исто така, потврди дека увоз на брашно од Србија ќе има.

Иако Србија го забрани извозот на прехранбените производи, на молба на соседните земји кои немаат доволна количина на овие производи, Владата на Србија ќе дозволи извоз пред се на брашно првенствено во Република Српска и Македонија,изјави Вучиќ на прес-конференција.

Оттука, текстот не се повикува на официјални извори, туку само шири паника кај граѓаните. Потпирањето на неофицијални извори при вакви тврдења, е неодговорно и  недозволиво.

Веста ја демантираше и министерот за економија Крешник Бектеши, кој на медиумите кои што шират лажни вести им порача дека треба да се засрамат посебно во ваква кризна ситуација во државата предизвикана од коронавирусот.

Апелирам до сите граѓани ИМАМЕ доволно резерви на пченица и на брашно, а дополнително донесовме одлука за забрана за извоз во други земји.Има контроли и инспекции на терен и нашите граници се осигурани. Да потсетам објавувањето на лажни вести согласно заклучок на Владата се казниви по Закон. Апелирам до медиумите да не објавуваат лажни вести кои предизвикуваат паника кај граѓаните во оваа кризна ситуација, напиша Бектеши на неговиот фејсбук-профил.

Имајќи предвид дека текстот е објавен на социјалните мрежи, во една од групите каде што е пласиран граѓаните сами препознаа дека станува збор за лажна вест, па некои од коментарите под текстот се: „не кревајте паника, секако народот доволно паничи“, а побараа и реакција од МВР, бидејќи порталот шири паника.

Овој напис поттикнува дополнителен страв кај народот, кој и онака е испаничен, а тоа изминативе денови можеше да се види со празнењето на маркетите. Оттука и потребата, надлежните власти постојано да апелираат дека храна има доволно, а исто така и залихи. Претставниците на маркетите на неодамнешната средба со министерот за економија Бектеши, апелираа до граѓаните да не купуваат масовно, бидејќи храна има доволно. Границите, иако, се затворени, сепак транспортерите кои вршат увоз на прехранбени, медицински производи слободно ја поминуваат границата, по претходно утврден протокол за заштита од коронавирусот.

Според апелите на новинарските здруженија за професионално известување за коронавирусот, ваквите текстови се косат со етичките норми и најмалку се потребни во овие моменти кога државата е исправена пред предизвикот за борба со вирусот.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на КриТинк за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.