[Рецензија: „Седмица“ од 15. март, 2020, коментар од 32 мин. и 40 сек.]
Во една од информативните емисии на Телевизијата Алфа – „Седмица“, уредникот Коле Чашуле, направи коментаторски излет, при кус осврт на политичката ситуација на земјата. Во изречениот коментар се пласираше содржина која говори дека постоењето на епидемија е добродејдена за политичкиот лидер на СДСМ и дека Зоран Заев не гледал причина изборите да се одложат (!) бидејќи тоа му одговарло само нему, кога народот е исплашен и не може рационално да размислува за кого ќе гласа.
Линк до оригиналниот напис: Седмица (15.03.2020) коментар од 32 мин. и 40 сек.
Датум и време на објавување: 15.03.2020
Датум на рецензија: 18.03.2020
Рецензира: Љубомир Костовски
Во коментарот на главниот и одговорен уредник на Алфа телевизија се вели, по малку цинично, дека: „коронава не му се погоди само на Филипче туку и на цело СДСМ“, со ограда, дека „не верува дека тие посакувале такво нешто да се случи, но дека им се погоди, им се погоди“. Во продолжение се коментира дека ако не се одложат изборите стравот и паниката кај гласачкото тело нема да биде завртен кон наводната лоша економска политика на власта и корупцијата во земјата, туку дека народот ќе биде загрижен за своето здравје, со заклучок дека „најлесно се владее со исплашен народ“.
Некогаш настаните многу бргу се движат и лесно ги демантираат невистините изнесени во овој релативно кус прилог на главниот и одговорен уредник на телевизијата.
Така, официјалниот став на политичкиот опонент на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, цело време беше дека: „Заев сака да ги одложи изборите и си бара алиби за тоа“. Еве едно официјално соопштение во таа насока. Дека тоа не е никаков изолиран став, туку континуирана кампања, повторувана од ден на ден – земаме и една случајно одбрана поблиска вест од февруари годинава, непосредно пред распуштањето на Паламентот, што веќе сосема извесно го најавува и еднодушниот став во таа насока на сите политички релеватни чинители.
Ако постои некаков коперникански пресврт во насока на одложување на изборите кај некоја партија, таа јавно не е мотивирана (!). Па и не може да се врзе никому до појавата на короона вирусот кон крајот на февруари годинава. Впрочем, од толку многу прес-конференции на ВМРО ДПМНЕ таков став нема, сè додека претседателот на државата, Стево Пендаровски, самиот не свика посебна седница со лидерите на политичките партии во насока на разгледување на одржливоста на парламентарните избори.
Првата реакција по оваа најава дојде од ДИК од каде се побара одложување на изборите. Во тие моменти дојде до трка „кој прв ќе повлече“ – СДСМ преку својот лидер најави прес-конференција, истиот ден кога требаше да се одржи лидерската средба, па на неа истакна дека социјалдемократите ќе побараат на седницата одложување на изборите. На тоа реагираше и шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и тоа „за да заработи брзина“, преку Фејсбук го обзнани сличниот став!
Оваа експликација е неопходна да нè увери дека коментарот на Чашуле е апсолутно „заталкан“ во времето и просторот. Истовремено, покажува колку пропагандната инерција е како крпа врзана преку очите и не дозволува кон настаните да се пријде со објктивност и одмереност, наместо да се користат флоскули од арсеналот на голата партиска пропаганда.
Уште повеќе што овој коментар може да се оцени и како злоупотреба на самата епидемија во политички цели, што, нели, не е дозволено и за што реагираа и еснафските здруженија.