Бројот на карактери што можат да се користат во насловот е ограничен, така што авторот е во дилема дали да биде објективен или креативен. Тој треба да користи зборови што раскажуваат што се случило, но и да привлече читатели. Често избира едно од овие две и со сè поголема конкуренција меѓу медиумите, тој може да избере да биде покреативен, привлечен или поттикнувачки, отколку објективен
Пишува: Фатлуме Дервиши
Во последните децении општеството и медиумите особено се развиваа. Тие се развиваат во зависност едни со други, преку приспособување или охрабрување. Како резултат на ова многу нешта низ годините се променија, како што се смени и начинот на кој луѓето се информираат. Традиционалните медиуми остануваат омилени само кај постарите читатели/гледачи додека онлајн-медиумите го преземаат приматот кај помладите читатели/гледачи.
Истражувањата покажуваат дека иако телевизијата останува доминантен медиум за информации, со скоро 60%, оваа бројка се релативизира со споредување на возрасните групи, бидејќи ако кај возрасните овој процент е меѓу 70-80%, кај младите не достигнува ниту 30%. Ослабнува улогата на телевизијата како средство за информирање, а има силна тенденција кон информирање преку мобилен телефон.
Медиумите денес имаат некои други карактеристики кои, се чини, повеќе се вклопуваат во начинот на живеење на помладите генерации. Светот стана „глобално село“ на динамични случувања, а публиката на новите медиуми е претежно „мрзлива“ и навикната на информации што се лесно достапни и лесни за фаќање и апсорпција. Се случува да влеземе на веб-страницата на еден медиум, да лутаме со курсорот и да се преправаме дека ги разбравме главните случувања на денот без да прочитаме ниту еден текст во целост. Ова е погрешна навика.
Тоа се прави поради „немање време“, но нè остава дезинформирани
Дури и на социјалните мрежи може да наидеме на слични ситуации кога атрактивниот наслов предизвикува многубројни реакции во коментарите или подоцна е коментиран од нашиот круг на пријатели, но, всушност, е погрешно разбран.
Дезинформациите или манипулациите со насловот може да биле намерата на новинарот, но тоа е регулирано со Кодексот на етика на новинарите.
Насловот или предупредувањето за придонесот мора да биде усогласен со содржината
Често кога на социјалните медиуми некој медиум објавува линк што те носи до статија на нивната веб-страница, некои читатели одвојуваат време и ја следат врската за да дознаат повеќе, додека други претпоставуваат дека се доволно информирани само преку насловот што го прочитале. Ова може да биде погрешно од неколку причини.
Прво, бројот на карактери што можат да се користат во насловот е ограничен, така што авторот е во дилема дали да биде објективен или креативен. Тој треба да користи зборови што раскажуваат што се случило, но и да привлече читатели. Често избира едно од овие две и со сè поголема конкуренција меѓу медиумите, тој може да избере да биде покреативен, привлечен или потТикнувачки, отколку објективен.
Второ, насловот накратко ја кажува главната порака на вестите, но за целосна информација треба да се одговори на петте познати новинарски прашања; „што?“, „кој?“, „каде?“, „како?“ и „зошто?“. Спротивно на тоа, информирањето е нецелосно, а можностите за дезинформација се поголеми.
Трето, насловот е дел од вестите, почеток, но не е нивна основа. Нецелосните информации често доведуваат до недоразбирање. Дури и во овој случај, познатата изрека дека „книгата не се цени според корицата“ може да се приспособи на овие феномени и да гласи „настанот не може да се разбере само од насловот“.
Подолу се дадени некои случаи на рецензирани вести кога читателот е дезинформиран од насловите. Самата содржина на текстовите на овие вести открива дека, всушност, насловот е манипулација.
„Вељановски го загуби животот во несреќа во Охрид“ – Рецензија
Презимето Вељановски асоцира на политички функционер, но веста беше за друго лице непознато за јавноста. Тие што не го прочитале текстот, туку само насловот, се измамени.
„АЛАРМ: Започна ’цунами‘ во Тетово“ – Рецензија
„Цунамито“ во овој случај не е природна непогода, туку трансфер на некои вработени во државната администрација. Во Тетово, се разбира, не може да има „цунами“ бидејќи нема море, ниту океан. Насловот не е воопшто соодветен, па како може да тврдите дека сте доволно информирани само со овој наслов?
„Хоџа се пишмани: Сум згрешил со критиките кон Али Ахмети“ – Рецензија
Содржината на текстот пренесува статус од социјалната мрежа „Фејсбук“ што нема никаква врска со „пишманот“, туку е напишана во ироничен контекст.
„Пратениците и министрите на ДУИ ги напуштаат Собранието и Владата“– Рецензија
Пратениците и министрите ги бојкотираа денешните седници на Собранието и на Владата. Но, секако, употребата на терминот „напуштаат“ повеќе паѓа в очи. Ова се толкува различно од читателот. Доколку читателот не го прочита текстот за детаљно да се информира што се случило, останува погрешно информиран.
Тешко е да се обидеме секоја вест да ја отвориме и да ја анализираме детаљно, особено кога денес ни се служат вести од секој агол на светот. Но, ако тоа е нешто важно за вашиот секојдневен живот, вашата околина, нешто што ве прави љубопитни или сакате да градите мислење, прочитајте повеќе од насловот! Прочитајте пред да создадете мислење за тоа и пред да се спротивставите или да го поддржите!