Таму каде што манипулациите со емоции се „продаваат“ како вести нема професионално новинарство

Манипулации преку медиуми. Автор: Алфредо Гризон

 

Зошто читателот не треба да стане „жртва“ на информации што имаат цел преку манипулации со емоции да се продаваат како веродостојни „вести“? Како може читателот да ги препознае овие написи или статии што се засноваат на лични напади и имаат тенденција да го докажат само она што авторот сака да го прикаже, а не објективната реалност?

Пишува: Ферикан Илјази

Повикувањето на емоции го замаглува правилниот став кај читателот за темата за која се пишува

Една од манипулативните техники што ја користат авторите, кои обично се непознати и речиси секогаш можат да се најдат на онлајн-платформите, при осмислување и пишување на своите текстови е „повикување на емоции“. Според ова, текстот користи аргументација што не се заснова на објективни факти, туку на убедувања, понекогаш лични авторски, а понекогаш туѓи и на одредени маси.

Користениот јазик е симболичен, моќен и има цел да ги погоди емоциите на читателот, за тој да може да верува во она што е напишано и да биде убеден во тоа. Речиси секогаш ваквите текстови се проследени и со „шокантни“ слики или слики што ги побудуваат основните човечки емоции: лутина, радост, горчина, симпатија и др. Со оглед на моќта на убедувањето што ја имаат емоциите, авторот намерно ги активира нив во текстот, паметно прикривајќи го фактот дека нема основа за да аргументира логично и рационално.

Напад на лицето, а не на феноменот

Кога авторот сака читателот да биде убеден и да поверува во она што тој го напишал, но притоа нема факти за да ја докаже вистината, ја користи техниката „личен напад“. Ваквата тенденција е намерна и се манифестира преку дискредитирање и лично навредување на лицето, но не и на феноменот за кој авторот пишува. Доколку авторот нема факти да го убеди читателот дека тезата поставена од некого е штетна, тој пристапува кон убедување на читателот дека човекот кој стои зад идејата или тезата е „лош“ и го дискредитира како личност.

Авторот „со сила“ ве убедува дека има право

Во некој напис или статија што не може да се нарече вест, може да се соочиме со тенденцијата на авторот да го потврдува своето мислење, а не тоа што е точно. Оваа техника на манипулација се нарекува „тенденција да се потврди личното гледиште“. Во овој случај, авторот на статијата се задолжува да ги пронајде сите елементи што ќе му помогнат да докаже дека е во право. Ги избира информациите, сликите, зборовите, па дури и фактите што му се нему потребни за да формира комплетна „вест“, која целосно се наклонува на идејата што најчесто е идеја на самиот автор.

Примерот што најдобро ги илустрира овие техники е текстот што се поврзува со многуте реакции на филмот „Ругање со Христос“. Знаејќи дека има лица чуствителни кон овој филм во кој има сцени во кои се деградира ликот на ОВК, авторот на текстот ја искористил оваа „слабост“, правејќи вест за наводната „среќа“ на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, за време на премиерата на овој филм.

Да дешифрираме за читателите зошто овој напис не претставува вест

Во овој текст има обиди да се манипулира со чувствата на читателите, особено албанските читатели, бидејќи се однесува на ОВК.

Опишувајќи го Чавков како „среќен“, авторот сакал на читателите да им всади омраза и негативни емоции бидејќи еден „поранешен македонски функционер се смее и ја исмева војната“.

Она што е поинтересно е фактот дека фотографијата воопшто не докажува дека кај него има некаква емоција на среќа.

Но, овoj гаф не го спречи авторот да го објави текстот во кој, давајќи му на Чавков атрибут дека е среќен „со филм што е озлогласен за тие што го вреднуваат симболот на албанската војна“, лично го напаѓа ликот на поранешниот функционер, правејќи го него лоша личност, која се радува на несреќата на другиот.

Во овој текст авторот ги изоставил сите други факти и избрал да ја одрази сопствената гледна точка – дека Чавков е среќен.

Да не заборавиме, Етичкиот кодекс за новинарите во поглед на ваква ситуација вели:

„Новинарот нема свесно да создава или обработува информации што ги нарушуваат човековите права и слободи, нема да користи говор на омраза и нема да поттикнува насилство или дискриминација од која било основа (национална, верска, расна, социјална, јазична, политичка, сексуална ориентација…).

Читателот да биде претпазлив со текстови што предизвикуваат емоции

Во идеалниот свет на новинарството, ваквите написи дури и не би се појавиле во медиумите. Сликите од премиерата би биле дел од статија што би претставувала вест за самата премиера, која не би се фокусирала на толкување на лицата на присутните – дали се тие среќни или не. Кога читателот ќе види ваков текст што не е во интерес на јавноста, туку се повикува на емоции, треба веднаш да побара објективни факти и да ги доведе во прашање мотивите на авторот. Доколку авторот е непознат, читателот треба веднаш да знае дека текстот не е стандардна новинарска вест.