[Рецензија: Егзодyc во Македонија: 1.000 луѓе си заминаа од Делчево во еден ден (ВИДЕО)]
Читајќи го насловот, а потоа и целиот текст, читателот добива впечаток дека секојдневно се иселуваат по 1.000 луѓе од Делчево, малиот град во Источна Македонија.
Линк до оригиналниот напис: Егзодyc во Македонија: 1.000 луѓе си заминаа од Делчево во еден ден (ВИДЕО)
Датум и време на објавување: 4.9.2019
Датум на рецензија: 8.9.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Да беше ова реална бројка, Делчево ќе беше испразнет за само неколку дена и одамна заборавен. Според последниот попис, спроведен пред речиси две децении во 2002 година, Делчево броел 17.505 жители. Тоа значи дека ако секој ден си заминуваат по 1.000 луѓе од Делчево, градот ќе беше пуст за две недели.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на жителите на Делчево во 2018 година бил 15.987 што е за 1.500 жители помалку отколку во 2002 година што не би бил случај доколку градот го напуштаа илјадници жители секој ден како што алудира текстот. Значи иселување има, ама не драматично како што се потенцира во написот.
За поголема, непотребна, драматичност на целиот текст се додаваат тешки зборови како „егзодус“, „траорно“, „гнев“.
Всушност, значењето на самиот збор егзодус е претежок да се користи во овој контекст. Употребен е уште на почетокот на насловот за да му се даде тежина на текстот, да предизвика негативни емоции, а со тоа и што поголем број луѓе да кликнат на текстот.
Истерување луѓе, бегање од живеалиштето поради тешки услови; принудно раселување и истапување од некоја поголема заедница.
Како што е вообичаено за порталот што го објавил текстот, и овој напис е искористен да се нападне Владата, иако иселувањето, односно печалбарството не е нова појава во Македонија, ниту драстично многу е зголемено за време на владеењето на оваа гарнитура во споредба со претходната.
Онака како што е напишан текстот, особено насловот, без да се изнесат конкретни бројки потврдени од релевантни институции, создава погрешна слика и ги манипулира читателите.