Исто е дали некој „оздравел“ или „се излекувал“ од корона-вирус

[Рецензија: НЕ ГО КРИЈТЕ ТАЈНИОТ ЛЕК: Филипче, со што ги излекувавте тие 48 пациенти од денешното соопштение од кои 42 дома?]

Во текстот со провокативен тон се инсинуира дека има некоја огромна и непоправлива разлика меѓу термините „оздравен“ и „излекуван“ и дека Министерството за здравство го користи терминот „излекуван“ со некоја посебна цел, најверојатно се мисли на тоа дека овој термин асоцира на лекување со некаков лек, некаква терапија или медицински третман. Се тврди дека за некојда да биде излекуван, морало да има лек и се бара да биде покажан лекот. Меѓутоа, за некој да биде излекуван, не мора тоа да биде резултат на некој лек. Некој може да ја победи болеста со сопствениот имунитет. И токму затоа постојат препарати чија единствена цел е да го засилат или побрзо да го стартуваат имунолошкиот систем, за тој да го излечи болниот организам.

Линк до оригиналниот напис: НЕ ГО КРИЈТЕ ТАЈНИОТ ЛЕК: Филипче, со што ги излекувавте тие 48 пациенти од денешното соопштение од кои 42 дома?

Датум и време на објавување: 22.4.2020

Датум на рецензија: 23.4.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Како што повеќепати е кажано од страна на министерот за здравство Венко Филипче, ковид 19 се лекува симптоматски, односно, според тоа какви симптоми покажува пациентот, таква терапија му се дава. Не е точно дека тие што се на домашно лекување, немаат никаква терапија или комуникација со лекар. Напротив, од повеќе интервјуа со оздравени пациенти од корона-вирус, се дознава дека им бил препишуван сумамед, тамифлу, земале суплементи, бета имун апчиња, витамини итн. Меѓутоа, важно е да се напомене, дека секој случај на корона-вирусот и секој пациент не е ист. Македонија е дел од научната студија „Солидарност“ на Светската здравствена организација, каде што се испитуваат различни терапии, како лекови што во минатото биле користени за ХИВ и за ебола. Но, сите овие терапии не се аплицираат на секој пациент, затоа што сечиј организам и клиничка слика се различни. Односно, не секој пациент има ист начин на третман и иста клиничка слика.

Оттука, да се бара во насловот од текстот да се открие лекот е неиздржано. Повеќе пациенти различно ја поминуваат болеста и различни терапии се користат за секој од нив. За тие со лесна клиничка слика лекувањето е дома, што не значи дека во секој момент не можат да го контактираат матичниот лекар или да се јават на болничко лекување доколку развијат симптоми или потешка клиничка слика.

Дури и речникот на македонскиот јазик не го подразбира зборот излекуван како резултат или последица што настанува на земање лек, туку излекуван едноставно значи: „што се излекувал од некоја болест”.

Ироничниот и саркастичен тон користен во следниот пасус е сосема непотребен.

Но, ако го прифатиме првото, ако прифатиме дека лицата се излекувани, во што не се сомневаме, веројатно не само македонската јавност, туку и светската би сакала да знае со кои тоа лекови нашето здравство успева во еден ден да евиднетира дури 48 излекувани пациенти, при што, дури 42 во домашни услови. Со оглед на тоа што ние сме држава со само два милиони жители, ова е неверојатен успех кој со кој свтеот мора да биде запознаен, за да може и останатите држави на ист начин да се справат со епидемијата.

Секоја земја се справува со пандемијата на свој начин, согласно спецификите на населението, културолошките навики, бројот на заразените и стратешки секоја земја има свој пристап. Пристапот на македонските здравствени власти, како што повеќепати е посочено, е пациентите со лесна клиничка слика, а и асимптоматските носители на корона-вирусот, да се на домашно лекување. Тоа што некој бил на домашно лекување воопшто не го менува фактот дека тој оздравел или се излекувал, сеедно. Два негативни резулатата на тестот за ковид 19 се показател дека некој е оздравен или излекуван и обидот да се сместат пациентите што оздравеле дома, а не во болница во некоја помалку значајна категорија, е неоснован.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.