[Рецензија:Теута Арифи успеа да ја убеди Владата против задолжителното носење маски во Тетово]
Комплетна шпекулација – која се однесува на режимот на носење на лична заштитна опрема во Тетово, беше пласирана како точна информација во ударните вести на една национална телевизија. Во неа тенденцизно се тврди дека градоначалничката на тетовската општина успеала да издејствува од Владата да не бидат целосно почитувани донесените мерки во овој град, кој заедно со Куманово и Прилеп претставува едно од жариштата на ширењето на корона-вирусот во земјата. Иако, постои владина одлука со која во овие три града од 19 април стапи во сила задолжителното носење маски за лицето во јавниот простор. Вистината е дека во трите града носењето маски стана задолжително еден ден пред истиот режим да се воведе на територијата на целата држава и оти Тетово не е изземено.
Линк до оригиналниот напис: Теута Арифи успеа да ја убеди Владата против задолжителното носење маски во Тетово
Датум и време на објавување:21.4.2020
Датум на рецензија: 24.4.2020
Рецензент: Југослава Дуковска
Еве што тврди во написот под наслов: „Теута Арифи успеа да ја убеди Владата против задолжителното носење маски во Тетово“, од 21 април на телевизија „Алфа“:
За некого мајка за некого маќеа. Се што побара градоначалничката на ДУИ во Тетово Теута Арифи Владата аминуваше. За разлика од неа пораките на кумановскиот градоначалник централата во Скопје ги сечеше, па Куманово стана македонска Ломбардија. Арифи не се согласуваше со владината одлука за задолжително носење маски, па нејзината реакција експресно беше земена предвид и прифатена. Маските сега ќе бидат задолжителни само во затворени простории.
Ова тврдење, освен што е шпекулативно, е и неточно. Дополнително пасусот содржи непотребно малициозен коментар во делот на споредбата на наводниот „третман“, кој во Владата го има Теута Арифи во споредба со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, за што во написот нема ама баш никаков доказ.
Откако Тетово минатата недела стана една од трите општини со најголем број на новозаболени од Ковид 19 по глава на жител во земјата, Владата на РСМ на својата 44. седница од 18 и 21 април донесе одлука која гласи:
Почнувајќи од 22 април 2020 година (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл.
Со одлуката на Владата се задолжува Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на користење на потребната заштитна опрема, како и:
Во уредбата да се предвиди дека обврската за носење заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Северна Македонија, но по извесен период.
Владата, исто така, одлучи да им се препорача на сите граѓани во Република Северна Македонија, а особено на тие што живеат на подрачјата на општините: Куманово, Прилеп и Тетово, согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини.
Ден подоцна, на наредната седница Владата донесе одлука со која се олеснуваат ограничувањата на движење за сите граѓани, но таа одлука беше проследена и со воспоставување на веќе најавената примена на лична заштита – маски на целата територија на државата.
Уредбата определува дека:
Секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштитна опрема на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
Наведеното јасно покажува дека дефинирањето на простори во кои маската е задолжителна како лична заштита е идентично со она во претходната одлука на Владата, која се однесуваше само на Тетово, Куманово и Прилеп, односно дека таа мора да се носи на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, што значи дека наводната интервенција на Арифи за некакво олеснување ексклузивно за тетовци, ако и постоело, воопшто не „поминало“. Или, да се послужиме со формулациите користени во прилогот – сè што побара градоначалничката на ДУИ во Тетово Теута Арифи Владата, сепак НЕ аминуваше.
Во владината одлука од 22.4. 2020 г. се дефинираат и исклучоци во кои граѓанинот може и да не ја носи маската:
По исклучок, секој граѓанин може да не ја носи личната заштитна опрема на лицето само ако:
– носи посебна лична заштитна опрема на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи,
– престојува во двор на станбена семејна куќа,
– вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности,
– патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или
– се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.
Детално се дефинира и што се се подразбира под „Лична заштитна опрема“:
Под лична заштитна опрема се подразбира било каква форма на заштита којашто ги покрива носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).
Според ова, очигледно е дека мерката за задолжително носење маска, по нејзиното воспоставување на целата територија на Македонија, ден откако маските станаа задолжителни во Тетово, Куманово и Прилеп, под еднакви услови се применува во целата држава и Владата не ја олеснила употребата на маски во Тетово за разлика од другите градови.
Написот и ТВ-прилогот на телевизија „Алфа“, во кој се тврди дека Теута Арифи како градоначалничка на Тетово во преговори со Владата успеала да издејствува некакво олеснување на начинот на употреба на маските во Тетово е поткрепен и со снимена изјава на Арифи во која, почнувајќи од 30-та до 44-та секунда на изјавата, се вели:
Ние побаравме од Владата да се допрецизира оваа мерка на начин дека се работи за затворени простории-маркети, банки каде што сметаме дека е потребно да се одржи заштитна опрема…
Потоа, излагањето на Арифи е исечено и гледачот не може да биде сигурен што е точно кажано, по што следува намонтирана следната реченица:
Ние мерките сами ги побаравме, сами побаравме од 4 да имаме полициски час, сами го побаравме затворањето на сообраќајот…
Од оваа нецелосна изјава не може да се заклучи што точно изјавила тетовската градоначалничка, но, заклучоците од седницата на Владата од само ден потоа покажаа дека правилата за носење на маската се исти како и тие од претходната и оти тие се само допрецизирани.
Според ова, може да се заклучи дека прилогот што го рецензираме е целосно манипулативен, сосема непоткрепен со факти и малициозен, што во услови на владеење на пандемијата на корона-вирусот е лош новинарски пример.
Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.