Италијанците им се лутат на Европејците, ама не го заменуваат ЕУ-знамето со кинеско

 

[Рецензија: Италијанците го вадат знамето на ЕУ и го ставаат знамето на НР Кина]

Епидемијата на корона-вирусот во Италија континуирано е во фокусот на светската јавност, која со внимание ги следи вестите за развојот на настаните во оваа земја. Откако од Европската Унија не ја доби очекуваната помош за справување со сè потешката состојба, и откако и Кина и Русија самоиницијативно испратија во Италија материјална и стручна помош, оваа тема се најде меѓу најтиражните информации кај меѓународната јавност. Неизбежно, таа е доста споделувана и коментирана и во нашата земја, особено бидејќи коинцидира со конечното добивање на датумот за преговорите на Македонија со ЕУ.

Линк до оригиналниот напис: Италијанците го вадат знамето на ЕУ и го ставаат знамето на НР Кина

Датум на објавување: 23.3.2020

Датум на рецензирање: 26.3.2020

Рецензент: Југослава Дуковска 

Рецензираме напис, кој, всушност, пренесува фотографија и коментар од социјални мрежи без притоа да објасни поблиску за контекстот поврзан со содржината што ја пренесува и со наслов кој без никаква ограда го тврди тоа како факт. „Италијанците го вадат знамето на ЕУ и го ставаат знамето на НР Кина“, вели насловот, сугерирајќи дека во Италија масовно се случува ваква појава – луѓето да го симнуваат знамето на Европската Унија чија долгогодишна членка е нивната земја и да го заменуваат со кинеското знаме.

Вака гласи содржината на написот:

На социјалните мрежи се споделуваат фотографии како во Италија се симнува знамето на ЕУ и го креваат знамето на Кина.

Италијанците го ваѓаат знамето на Европска Унија и го ставаат знамето на НР Кина. После кризата дефинитивно следи распад на ЕУ, пишува на постот.

Проверката на интернет-содржините ќе покаже дека помошта која Кина ѝ ја упати на Италија, која се соочува со голема катастрофа предизвикана со експлозивното ширење на вирусот Ковид-19 на својата територија, доби голем пубицитет на светско ниво. Угледни списанија се појавија со анализи околу тоа како се случило да откаже солидарноста на земјите-членки на Европската Унија кога Италија кон крајот на февруари, откако веќе еден месец води тешка борба со корона-вирусот на својата територија и нејзините залихи се речиси исцрпени, упати формално барање до ЕУ членките во медицински и санитарен материјал, но ниту една земја не ѝ испрати помош.

За тоа какви реперкусии на глобалната политика ќе има инволвирањето на Кина во Италија од аспект на меѓународните односи, пишува и влијателниот магазин Foreign Policy.com од САД во текст под наслов: „ЕУ ја напушти Италија кога ѝ е најпотребна“. Потсетувајќи ги ЕУ-членките, особено оние поновите, како Унгарија, Литванија или Полска, кои се реципиенти на ЕУ-фондовите, а имаат далеку помал број заразени, дека би требало да се освестат и веднаш да ѝ упатат помош на Италија, ако мислат и натаму да сметаат на италијанските војници кои, во некоја идна безбедносна или хуманитарна криза на нивните територии, би требало солидарно да учествуваат со свои сили во спасувањето на нивните граѓани. И EUOBSERVER заклучува дека Кина наголемо ја користи шансата за пробив на европската сцена, помагајќи ѝ на Италија додека изостанува солидарноста на другите ЕУ-членки.

Истражувајќи што пишуваат италијанските медиуми на темава, може да се наиде на написи што покажуваат индивидуални случаи во кои граѓани или компании, во знак на револт од односот на ЕУ кон нивната земја во најтешките моменти на епидемиолошката криза, го симнувале знамето на ЕУ од постаментите на кои се наоѓале:

Денес го симнавме ЕУ-знамето од пред нашата фабрика, кое стоеше до италијанското,

изјавиле надлежните од една текстилна фабрика во гратчето Прато, додавајќи:

Сега сме сами, ама горди.

Италијанските медиуми спомнуваат уште еден случај на симнување на европското знаме – во италијанскиот град Бари, потпретседателот на Советот на Општината, Фабио Ромито го симнал знамето од општинската зграда, бидејќи бил револтиран од односот на ЕУ кон неговата земја. Иако е очигледно дека се работи за изолирани, емотивно инспирирани постапки, во двата случаја не станувало збор дека ЕУ-знамето било заменето со знамето на НР Кина. Не постојат никакви индиции дека се работи за доминантно расположение во Италија.

Написот што е предмет на оваа рецензија покажува очигледна тенденција да го генерализира ова тврдење, иако користи ограда дека тоа го тврди ФБ-постот што го пренесува.

После кризата дефинитивно следи распад на ЕУ, пишува на постот.

Ако се тргне по трагата на изворот на кој се повикува написот, се доаѓа до фејсбук-профилот со псевдоним Мисија, кој споделува десничарска, проруска и пронационалистичка содржина. На 23 март тој го пренесува твитот на профилот под име CarlZha, кој за себе кажува дека постира прокинески содржини на „Твитер“ и уредува поткаст за Кина.

Од анализата на написот може да се заклучи дека се работи на некритички преземена содржина од некредибилен извор и пласиран како информација. Насловот е тенденциозен, со намера да му сугерира на читателот дека во Италија масовно се исфрлаат знамињата на Европската Унија и се заменуваат со кинески, што воопшто не е точно.

Дезинформирањето во време на вонредни околности каква што е пандемијата на коронавирусот е во спротивност со новинарските стандарди, а под одредени околности претставува и кривично дело.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.