Израел има починати од корона-вирус, лимон и сода-бикарбона не се лек за ковид 19

На социјалната мрежа „Фејсбук“, повторно е актуелна информацијата за лекување од корона-вирусот со лимон и сода-бикарбона. Оваа фотографија содржи две неточни работи кои беа разјаснети уште од март и оценети како измислици од сервисот за проверка на факти во Северна Македонија, „Критинк“, како и црногорскиот сервис за проверка на факти, Raskrinkavanje.me.

1. Израел има починати со корона-вирус:
Од објавувањето на пандемијата до 18 август 2020 година, Израел има 708 мртви и 96.409 заразени. Овие информации се достапни во официјалното мерење на Универзитетот „Џон Хопкинс“, кое е најдоверливо мерење во светот и кое бројките ги зема од податоците што земјите ѝ ги даваат на Светската здравствена организација.

2.  Лимон и сода-бикарбона не лекуваат од ковид 19:
Ваквите тврдења, кои се шират на „Фејсбук“, се ширеле и на „Вибер“, а во пораката се тврди дека е најден лекот за вирусот.

Пронајден е лек за вирусот COVID-19 или начин за негово отстранување. Од Израел доаѓаат информациите дека овој вирус таму не предизвикал смрт. Рецептот е едноставен – лимон и сода-бикарбона. Мешајте и пијте како врел чај секое попладне. Делувањето на лимонот со топла сода-бикарбона веднаш го убива вирусот, потполно го елиминира од телото… Сите во Израел ноќе пијат шолја врела вода со лимон и малку сода-бикарбона, бидејќи тоа докажано го убива вирусот, се вели во пораката за наводниот „спас“ од вирусот.

Многу неточности во една лажна вест

Оваа објава е само превод на дезинформацијата што претходно се ширела и на други јазици, и таа содржи повеќе неточни информации. Во Израел прв смртен случај е регистриран на 20 февруари, додека до 18 август имало речиси 96.409 заразени и 708 мртви, пишува новинарката, потсетувајќи дека и покрај тоа што Светската здравствена организација предупредува дека сè уште нема лек за корона-вирусот, оваа објава пласира стари митови за лековитоста на лимонот и содата.

Raskrinkavanje.me потсетува на нешто за што е веќе пишувано – дека „иако некои претходни трудови го предлагале витаминот Ц како лек за настинка, сепак нема современи научни истражувања кои ќе ги поткрепат тврдењата за способноста на витаминот Ц да убие вирус или да го спречи неговото размножување и ширење. Исто така, тврдењето од првите децении на 20 век дека алкализирањето на организмот помага, е точно, но само кај некои медицински состојби… Да заклучиме, комбинацијата на лимон и сода-бикарбона нема да го „убие вирусот“, ниту, пак, „ќе го елиминира од вашето тело“. Оваа мешавина нема да го алкализира вашето тело и имунолошкиот систем. Затоа, објавата за лимон и сода-бикарбона како лек за ковид 19 ја оценуваме како лажна вест“, стои во текстот во кој е анализирана оваа лажна вест.

За медицински совети треба да се консултираат Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и нашите државни институции: Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, кои детаљно ги објаснуваат информациите за корона-вирусот. Затоа треба да се обратиме до здравствените институции – било на државно или глобално ниво и да не дозволиме да бидеме измамени од дезинформациите што кружат на социјалните медиуми, независно кој ги дистрибуира.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.