Известување при несреќи – факти, а не емоции

Фото: Борче Поповски
Фото: Борче Поповски

Фото: Борче Поповски

Како да се направи баланс при известување од несреќи за во исто време да се задоволи јавниот интерес, да се обезбеди точна информација ослободена од сензационализам и шпекулации, а притоа да се води сметка за почитување на приватноста на настраданите и нивните семејства, болката и жалоста?

 

Пишува: Саше Димовски

 

Лесно е да критикувате седнати дома пред телевизор како известуваме, но нѐ прашувате ли како ни е нам, кои работевме на студ, во тешки услови, во ситуација кога има многу луѓе околу тебе, во моменти на жал, а притоа да не згрешиме. Имаше грешки, ама тие беа направени од брзање, од трема, од емоции, и од потребата да се обезбедат што повеќе информации. Ич не беа лесни вклучувањата во живо од оваа несреќа, колку и да речам дека имам искуство со известување од различни несреќи напиша на „Фејсбук“ новинар на една од телевизиите што известуваа од сообраќајната несреќа на автобусот на „Дурмо турс“ на автопатот Скопје-Тетово, во која загинаа 15 патници, а над 30 беа повредени, по низа коментари што ги прочитал на сметка на новинарите што известуваа од несреќата.

Оваа сообраќајна несреќа, со голем број жртви, повторно нѐ наврати на прашањето како треба да се постават медиумите во случаи кога известуваат за несреќи, а притоа да обезбедат избалансирано известување ослободено од сензационализам, шпекулации, да се почитува приватноста на настраданите и нивните семејства, да се почитуваат болката и жалоста, на што впрочем, упатуваат и  Кодексот на новинарите на Македонија и Прирачникот за етиката во новинарството.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. (Член 8 од Кодексот на новинарите на Македонија)

Кодексот предвидува и дека новинарите се „должни да ги почитуваат личната болка и жалост,“ (член 7),  па  оттаму не се препорачува во прв момент да објавуваат целосен идентитет на жртвите, во ситуација кога семејствата на настраданите сѐ уште не се официјално известени.

Во овој случај, при несреќата на патот Скопје-Тетово, како и во многу други ситуации, некои од семејствата на настраданите од медиумите дознале дека настрадал нивни близок или на телевизија го препознале возилото на блиски роднини што учествувало во сообраќајна несреќа што предизвикува стрес и шок.

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интереспишува во Кодексот на новинарите (член 7).

Идентитет на жртви, добиен на самотоместо од увидни екипи, истражни органи или други учесници во преткривичната постапка, би можело да се објави како исклучок од претходното правило само доколку се работи за јавни личности или државни функционери, за што постои огромен јавен интерес, а јавноста очекува точни и навремени информации.

Во сите други случаи, идентитетот на жртвите треба да го соопштат официјалните институции по завршување на постапката, како што во значителен дел беше испочитувано и сторено во овој случај, со автобуската несреќа.

Потегот на директорот на Градската општа болница „8 Септември“ да го објави списокот сопациенти што се згрижени кај нив, а кои не се починати, многу ја олесни и работата на медиумите, не оставајќи им простор за шпекулации за имињата на загинатите, чиј идентитет, сепак, се дозна по завршување на обдукцијата и идентификацијата на Институтот за судска медицина и криминалистика.

Единственото име што беше објавено во медиумите пред тоа да го сторат институциите е името на настраданиот син на пратеник во македонскиот парламент, што се вклопува во исклучокот, наведен на почетокот на текстот ако се работи за јавни или државни функционери.

 

ЕТИКАТА И ИЗВЕСТУВАЊЕТО ПРИ НЕСРЕЌИ

Во случајот со оваа сообраќајна несреќа забележлив беше друг тренд на „известување“, за кој треба да се дебатира во смисла на тоа како да се постигне баланс во известувањето и да се почитуваат етичките норми при известување од несреќи. Тоа е т.н. „стримање“ или пренос во живо од самото место со помош на „паметните“ телефони.

На местото на несреќата, кратко време откако се случила, случајно поминувал новинар на една од националните телевизии, кој обезбедил видеоконекција и на телевизијата беа емитувани снимки во живо, без да има можност да се селектира што било, што може да ја вознемири публиката, или за тоа да се обезбеди предупредување, што отстапува од задолжителната обврска за електронските медиуми да извршат класификација на програмите и да ги означат соодветно дека „може да ја вознемират малолетната публика“, или дека се емитуваат снимки што содржат насилна содржина.

Во овој случај, на национален медиум со широк достап – телевизија, во живо, само неколку моменти по несреќата, беа емитувани снимки на кои се гледа извлекувањето на телата на згинатите, повредените, реакциите на роднините што пристигнале на самото место, спасувачки екипи, што во голем процент предизвикуваат вознемиреност кај публиката.

Бидејќи станува збор за материјал што не е подложен на монтажа, на каква било  професионална контрола во поглед на содржината на снимките, сериозна обврска на националниот медиум е да размисли дали излегол надвор од законската рамка на која е обврзан за означување на програмите.

Воедно, тоа го отвора и етичкиот момент, дали сѐ што може да биде достапно на интернет со помош на новите технологии треба да биде емитувано на медиумите без какви било рестрикции?

 

ЗА ПОСТАПУВАЊЕТО НА НОВИНАРИТЕ, ДЕЖУРНИТЕ РЕПОРТЕРИ

Несреќите и прашањата врзани за нив не се ексклузивитет само за новинарите од „црните хроники“, туку за секој новинар и уредник, особено за новинарите што се дежурни во време на викенди и празници, кога по непишано правило, бројот на несреќите е зголемен, а новинарските екипи намалени.

Автобуската несреќа се случила околу 17 часот, кога во принцип во медиумите има дежурни екипи, а кога станува збор за несреќи од поголем обем, потребни се повеќе екипи што известуваат од различни места: од самото место, пред болница, од МВР или други локации, и, во принцип, треба да ги синхронизираат информациите, особено кога има настрадани.

Следејќи го текот на известувањето на медиумите, првите извештаи околу 18 часот говореа дека има настрадани двајца, па тој број постепено се зголемуваше на 4, 5, 6, за бројката да биде официјално потврдена – 13 загинати по изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, дадена пред 20 часот, во болницата каде што беа згрижени најголем дел од повредените. Следејќи ги електронските изданија на медиумите, во исто време, претходно беа објавувани вести со различни бројки на загинати од различни медиуми, но ретко кој од нив се повикуваше на официјален извор.

Она што треба да го направат медиумите по дознавањето дека се случила несреќа, а што е и одговор на ФБ-постот на колегата од почетокот на овој текст, се следниве неколку работи:

  • Медиумите веднаш да се упатат на местото на настанот;
  • Новинарите да бараат од редакцијата или одредени колеги за нив да проверуваат податоци во полиција, брза помош, противпожарна служба за каква несреќа се работи, за да имаат претстава што можат да затекнат на самото место;
  • Новинарите мора да бидат психички подготвени да видат и најморбидни сцени, но кога ќе го пишуваат извештајот не смеат тоа што го виделе и од кое останале скаменети да им го пренесете на консументите со паничење, плачење или неконтролирано движење.
  • Ова особено не смеете да го сторите при јавување во живо во телевизиски вести, каде што гестикулирате, ги оддавате емоциите, ниту, пак, извештаите треба да бидат зачинети со непотребни емоции, надвор од фактите што се важни за известувањето од самото место;
  • Новинарот мора да избере соодветни зборови што ќе ја опишуваат грозната, морничава и мрачна сцена на која налетал;
  • Кога станува збор за телевизиски новинар, одберете снимките да говорат наместо вас, а вие не оптоварувајте го извештајот со непотребни квалификации за тоа колку било страшно или дека насекаде има крв или делови од човечки тела;
  • Потрудете се да обезбедите изјави од очевидци;
  • Во прв момент не шпекулирајте со можните причини за настанување на несреќата (возеле пребрзо или биле под дејство на алкохол), бидејќи на тој начин го прекршувате правото на пресумпција на невиност и им ја „земате“ работата на истражните органи;
  • Одговорност на редакцијата е да ги координира известувањата на новинарите ако известуваат од различни места и користат различни извори, за да нема различни информации за истиот настан.
  • Доколку редакцијата забележи дека новинарот од различни причини не може да се „снајде“ на терен, веднаш се испраќа поискусен новинар, бидејќи при вакви известувања, евентуалните грешки не смеат да се покриваат со евентуално незнаење или неснаоѓање на новинарот на терен,
  • Потрудете се да стапите во контакт со лицата што го вршат увидот, полицијата и јавен обвинител и од нив извлечете колку што можете повеќе информации за настанот;
  • Секогаш почитувајте ги наредбите на тимот што врши обезбедување на местото на настанот. Бидете внимателни и не влегувајте во зоната каде што се случила несреќата, бидејќи може да уништите важни докази и траги;
  • Увидните екипи немаат право да ве спречат во вршење на вашата функција, да известувате, но имаат право да го ограничат пристапот до местото и да определат снимањето или фотографирањето да се одвива од пристојна далечина.

Надвор од овие препораки за однесување на новинарите, пожелно е да се користат добрите новинарски практики при известувањето од несреќи, па во таа смисла извештаите не треба да содржат непотребни квалификации, како што беа во овој случај, дека „во автобусот на смртта“ загинале 15 луѓе, потоа споделување на видеоматеријали со „најшокирачките моменти од извлекувањето на жртвите“, наслови што содржат изрази како „Македонија плаче“, „завиени во црно“.

Сами по себе, несреќите се трагични настани, кои не бараат дообјаснувања. Можеби бројот на кликови ќе се зголеми со објавување „шокантно видео“, но ако се погледнат коментарите оставени под содржината на електронските публикации, ќе видите дека читателите, најблаго речено, се згрозени од таквиот начин на пласирање на информациите.

Затоа, воопшто не е лесно да се известува од несреќи, особено од несреќи каква што беше оваа со голем број жртви, но не може да се бара оправдување за какви било грешки во условите за работа. Доволно е само да се следи Кодексот на новинарите, да се направи правилна проценка кој новинар да се испрати да се известува, да не се шпекулира и емоциите да се остават настрана. Само во таков случај професионализмот ќе ги победи сите дилеми што можат да се појават при вакви известувања.