Не смее да се лицитира со бројот на жртвите во сообраќајката кај Ласкарци

Фото: Борче Поповски

Трагичната несреќа, кога автобус излета од автопатот Скопје – Тетово при што загинаа 14 лица, беше шок и за јавноста и за новинарите што известуваа.  Во многубројните медиумски извештаи поврзани со сообраќајката беа направени неколку помали, но и поголеми грешки. Од желбата за побрзо, навремено известување на јавноста, која е желна за информација, медиумите пласираа неколку дезинформации, а вестите ги „зачинија“ и со сензационализам.

 

Пишува: Симона Атанасова

 

БРОЈОТ НА ЖРТВИ

Кога се случи несреќата, сите телевизии и портали излегоа со шпекулативна првична бројка на загинати лица. Па така, доколку го отворевте генераторот „тајм.мк“ или ги гледавте вонредните вести на телевизиите и вклучувањата на репортерите во живо, ќе прочитавте или ќе чуевте за различна бројка на загинати. „Неофицијално дознаваме“, „бројот на жртвите може да се искачи“, „како што дознаваме“, „официјално потврдено“ и слични фрази беа користени при известувањето од трагичниот настан.

„Неофицијално две жртви и многу повредени лица“
„Десетици повредени, најмалку три жртви“
„Најмалку 4 жртви во автобуската несреќа“ 
„Неофицијално пет загинати и многу повредени“
„Најмалку 5 жртви во автобуската несреќа на автопатот Скопје – Тетово“ 
„Македонија плаче: Шест загинаа, десетици се повредени во страотната несреќа“
„Нухиу соопшти за осум жртви од сообраќајната несреќа на автобусот“
„Десет загинати во сообраќајната несреќа кај Ласкарци“
„Четворица се борат за живот: Бројот на загинати можно е да се искачи на 17“ 

Сите овие текстови беа објавени во временски период не поголем од два часа. Медиумите нагаѓаа за бројот на жртвите, па дури крајно непрофесионално предвидуваа колкава би можела да биде крајната бројка на жртви додека институциите се обидуваа да спасат што е можно поголем број луѓе.

Овие шпекулации прекинаа по официјалната изјава на министерот за здравство, Венко Филипче, во која ја кажа првичната состојба со патниците од автобусот и ја соопшти официјалната бројка од 13 загинати лица.

Вечерта, по изјавата на Филипче, бројот на жртвите се искачи на 14, што беше потврдено од релевантните институции. Но, медиумите и понатаму шпекулираа, па бројката ја зголемија за уште една жртва и дезинформираа за 15 загинати. Медиумите што ја објавија оваа бројка, во текстовите немаа потврда од релевантен извор дека уште едно лице починало.

Ова е крајно неетичко известување за ваква трагедија во болни моменти на општ хаос, кога роднини и пријатели на патниците во автобусот не знаеја дали нивните блиски се повредени или можеби загинати.

Всушност, и Владата се налепи на оваа шпекулација, па во соопштението од комеморативната седница на општина Гостивар, пишуваше дека 15 лица го загубиле животот. Од ПР-службата по точно 30 минути ја увидоа грешката и испратија ново коригирано соопштението со точниот број на жртви.

 

 

 

 

 

 

 

ПРИЧИНИ ЗА НЕСРЕЌАТА

Иако од МВР во неколку наврати апелираа да не се шпекулира за причините за несреќата и да се почекаат институциите да ја завршат истрагата, голем дел од медиумите уште истата вечер на јавноста *и понудија неколку можни теории за причината.

Прво се појави информација дека се работи за пукната гума на автобусот и отитоа било причината за губењето на контролата врз возилото.

Потоа се шпекулираше за здравствена состојба на возачот, па се редеа здравствени тегоби од срцев удар, па до мозочен удар, кои беа презентирани како причини за трагедијата.

Се појави информација и дека имало куче на автопатот и затоа возачот изгубил контрола.
Една од верзиите беше и дека возачот се движел со непрописна брзина, но и дека му се закочил воланот. Се шпекулираше и за(не)исправноста на автобусот.

Сепак, вистинската причина треба да ја покаже истрагата што ја води Основното јавно обвинителство. Сè друго е сензонационализам и шпекулација.

 

КАРПАЛАК

Кога се случи сообраќајната несреќа, во средата, во попладневните часови, првите информации што излегоа во јавноста беа дека автобус се превртел на автопатот Скопје – Тетово кај Карпалак.

Всушност, несреќата се случи кај село Ласкарци, што е десетина километри подалеку од клисурата Карпалак, каде што во 2001 година се случи масакр.

Токму ова докрај непрецизно известување од медиумите поттикна да се шири говор на омраза и да се прават морбидни споредби помеѓу двата случаја.

Професионалноста и етичноста на новинарите во вакви сензинитивни ситуации, кога се работи за загинати и повредени луѓе, треба да биде на највисоко можно ниво.

Во вакви ситуации, сепак, подобро е да се почекаат официјалните информации од надлежните институциите отколку да се шпекулира со толку чувствителни информации во болни моменти.

Новинарските правила се јасни: секоја информација треба да се провери и потврди од релевантен извор пред да ѝ се пласира на јавноста. Етичките норми, пак, говорат дека  скогаш на ум треба да се имаат болката, очајот и стравот на сите оние директно или индиректно засегнати од вакви трагични настани.