Папас: Договорот од Преспа беше измачен од лажни вести

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Лажните вести за Договорот од Преспа денеска беа тема на прес-конференцијата во Владата, на која министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и неговиот грчки колега, министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Република Грција, Никос Папас, потпишаа Меморандум за разбирање.

На конференцијата, проследена и од голем број грчки новинари, еден од нив праша како двете влади ќе се справат со лажните вести што се однесуваат на Северна Македонија и Грција, имајќи предвид, како што рече, дека нивните креатори доаѓаат од Велес.

Двајцата министри беа согласни дека за Договорот од Преспа имало безброј лажни информации и дадоа свое видување како овој проблем може да се реши.

Природата и местото на новинарите е контролата на власта, тоа е и суштината на демократијата. Но сметам дека, конкретно, самиот Договор од Преспа беше измачен од ширењето лажни вести. Би било одлично за нас доколку новинарските заедници на двете страни, и во Грција и во Северна Македонија, би почнале со некакви мерки за соработка, за да постигнат навремено известување и отстранување лажни вести. Лошонамерници постојат многу, сега со помала сила, немаат моќ да интервенираат во развојот на настаните. Постојаните канали за комуникација помеѓу двете влади би било одлично да се поддржат и зацврстат помеѓу новинарската заедница со цел да се исфрлат злонамерните вести, рече Папас.

Тој додаде дека во Грција веќе имаат организирано Катастар на веб-портали, кој, како што објасни, е служба и претставува одлична алатка што може да биде употребена за да се исфрлат веб-страници што би се занимавале со лажни вести.

Во никој случај Владата нема да интервенира во информациите и тука е потребна организирана новинарска заедница. Ние сме спремни да направиме големи и храбри чекори, но засега, за жал, не постои такво раздвижување. Јавниот трошок за рекламирање на јавните организации да оди, како што предвидува законот, на сите веб-страници запишани во овој Катастар или регистар. Доколку некој постојано информира со лажни вести, самата новинарска заедница да создаде филтри што ќе забрануваат пристап до јавни трошоци, кои ќе бидат на товар на граѓаните, додаде Папас.

Според министерот Манчевски, единствен начин за борба против лажните вести е само вистината и потпишување меморандуми каков што двајцата министри потпишаа денеска, а се однесува на поевтинување на роамингот помеѓу двете земји.

Една е работата што треба да се случи во медиумите и во делот на новинарското известување. И тоа сметам дека е работа на фелата на здруженијата на професионалците. Го имаме проблемот со лажните вести на социјалните мрежи, кои не се новинарство, но тоа е сосема друга тема и проблематика. Единствен начин за борба против лажните вести е само вистината и ништо повеќе. Особено Договорот од Преспа беше предмет на огромен волумен и број на лажни вести од двете страни. И знаете кој е најдобриот механизам, токму ова денеска овде. Денеска имаме договор помеѓу двете земји за да нема роаминг. Граѓаните да не плаќаат. По потпишувањето на Договорот од Преспа ниту пропадна светот ниту се распаднаа двете земји. Напротив, ова е прв од многуте договори што ќе следуваат, од кои граѓаните и бизнисите ќе имаат конкретна корист. Грчките министри веќе не доаѓаат да преговараат за проблем со името. Доаѓаат за да потпишуваат конкретни договори што значат бенефит за граѓаните и бизнисите. Ново време и нова ера, со вакви следни договори ќе се бориме со лажните вести, особен за Договорот од Преспа, изјави Манчевски.