На 21 февруари 2019 г., во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) беше одржан јавен состанок, на кој беше разгледан нацрт-текстот на Стратегијата на регулаторното тело за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот од 2019 до 2023 година. Една од клучните области на стратегијата, во контекст на развојот на медиумската сцена, е и развојот на медиумската писменост.
На почетокот директорот на АВМУ, д-р Зоран Трајчевски,посочи дека документот претставува регулаторна стратегија, со која посебно се одредуваат идните активности на агенцијата како регулатор, додека претходните стратегии имале и поширок опфат на дејноста.
Потоа, м-р Магдалена Довлева-Давидовска, раководител на Секторот за стратешко планирање и авторски права, накратко ги презентира клучните одредби на стратегијата за стимулирање медиумска и жанровска разновидност за задоволување на потребите од образовни, новинарски истражувачки и културни содржини, меѓу другото и потребата од јавна дебата за формирање фонд за поддршка на дефицитарни (ТВ и радио) форми и жанрови, особено програма за деца.
Други клучни заложби во нацрт-стратегијата се поттикнување на функционирањето на системите за саморегулација и корегулација, зголемување на плурализмот и транспарентноста на медиумската сопственост. АВМУ планира изработка на студии кои ќе овозможат увид во ефектите на новите медиуми врз развојот на медиумскиот пазар, конкуренцијата и рекламирањето.
Според претставниците на АВМУ, во поглед на заштитата на човековите права и слободи, во идниот период од особена важност ќе биде следењето на ефектите од примената на новите законски решенија за санкции за говор на омраза во медиумите.
Во текот на дискусијата, претставникот на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски, ја истакна важноста на развојот на медиумска писменост во рамките на досегашната работа на АВМУ, како единствено државно тело чија надлежност за унапредување на оваа област е пропишана со закон. Тој ги посочи позитивните искуства од соработката во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, како и пошироко преку националната Мрежа за медумска писменост. Тие се поттик за понатамошни законски реформи со кои ќе се дефинира вклучувањето и на други државни тела во оваа област, особено министерствата за образование и култура.
Во врска со идејата за јавна дебата во однос на формирањето фонд за продукција на дефицитарни медиумски содржини, беше истакната и важноста за обезбедување стабилен извор на основни средства на располагање на медиумите, особено помалите и локалните. Со тоа може да се постигнат синергии и со други извори на средства за нивно вклучување во напорите за едукација за медиумска писменост.
Претставникот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) истакна дека идната дебата за фондот мора да опфати и развој на модалитети со кои ќе се обезбеди тој да не ја нарушува уредувачката политика на медиумите, односно како во минатото на вршење (идеолошко или партиско) влијание на јавноста преку проекти финансирани со државни пари.
Денешната дебата беше последна од серијата јавни консултации, а усвојувањето на Стратегијата, заедно со Акциски план, е планирано во рок од еден месец, начелно до 20 март.