Разорниот земјотрес, кој рано утринава ја погоди соседна Албанија и во кој има над десет човечки жртви и значителна материјална штета, беше плодна почва за на социјалните мрежи и медиумите да никнат вознемирувачки, сензационалистички, клик бејт и непотврдени вести
Пишува: Симона Атанасова
Во ситуација кога ќе се случи некој силен земјотрес што предизвикал човечки жртви секој сака да прочита и да дознае информација повеќе и тогаш публиката почесто следи медиумски објави и содржини. А, во трката за што поголема гледаност и што повеќе кликови на објавите, медиумите објавуваат несоодветни содржини, кои немаат задача да ја информираат јавноста, туку предизвикуваат негативни емоции, паника и страв.
Во брзината да се објават што поексклузивни информации, новинарите многу често не прават селекција што објавуваат, па во етер одат вознемирувачки текстови проследени со фотографии и видеа што длабоко ја вознемируваат публиката.
- „Дедо бил спасен од рушевините, а кога дознал дека внук му е мртов и тој починал“
- „Бебе извлечено од под урнатините“
- „Хаос во Улцињ, намирниците во маркетите паднале на под после земјотресот“
- „Хотел срамнат со земја“
- „Мртвите тела на девојче и тинејџерка извадени од под урнатините“
- „Куче се разбуди и побегна, а потоа зградата почна силно да се тресе“
- „Браќа од Косово заробени под урнатините на хотел во Драч: Повикале помош, потоа не се јавувале на телефонот“
- „ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА: Само што излегол од затвор откако бил неправедно осуден, загина во земјотресот во Албанија (ФОТО)“
- „ТРАОРНА СЦЕНА: Маж спасен по седум часа поминати под урнатините“
Ова се дел од сензационалистичкитте наслови на текстови што осамнаа денеска, неколку часа по земјотресот. Единствената цел на овие написи е да привлечат внимание и што поголем број кликови, а не да ја информираат јавноста. Кога ќе ги кликнете поголемиот дел од овие вести ќе видите дека не се поткрепени со потврдени информации од релевантни извори, туку се чисти шпекулации.
Наjпотресното видео објавено по земјотресот, кое масовно се шири по социјалните мрежи, а го презедоа еден куп медиуми и во Албанија и во Македонија, е од мало дете кое неконтролирано плаче во урнатините.
Видео толку потресно за гледање што нема да ги остави рамнодушни дури и тие со најсилен желудник. А, самото видео, освен што е шокантно и потресително, на никој начин не ја информира јавноста дополнително за да биде објавено и масовно споделувано.
На социјалните мрежи и во медиумите, исто така, се појавуваат сосема непотребни вознемирувачки фотографии од извлекување на телата на загинатите и на повредени лица на кои се гледаат повреди и крв.
Медиумите имаат одговорност и обврска да не долеваат масло во огнот, односно да не шират и да не ја зголемуваат паниката што постои кај населението кога ќе се случи некоја несреќа, а особено во текот на земјотреси кога земјиштето сè уште се тресе, се случуваат дополнителни потреси и владее страв кај населението.
Новинарите треба да имаат на ум дека кога се случува таква трагедија не треба да се објавува и споделува нешто што е неофицијално и непотврдено, зошто може да направат поголема штета отколку корист. Такви информации треба да почекаат со објавување сè додека не се потврдат од релевантен извор.
Известувањата од какви било несреќи, а особено во кои има човечки жртви, треба целосно да бидат ослободени од сензационализам. Вестите што се објавуваат по такви несреќи треба да се кратки, јасни и информативни, особено веднаш по несреќата кога ситуацијата сè уште е конфузна и нема официјални податоци од надлежните институции. Но, тоа не беше случај со известувањето од овој земјотрес кај дел од медиумите и во Албанија и во Македонија, кои, за жал, потфрлија во известувањата.
Професионалноста и етичноста на новинарите во вакви сензитивни ситуации, кога се работи за загинати и повредени луѓе, треба да бидат на највисоко можно ниво за што апелира и Кодексот на новинари.
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.
Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.
Новинарот не смее да интервјуира или фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето.
Известувањата од големи несреќи се сериозна проверка за новинарите и редакциите колку се подготвени во такви ситуации да известуваат точно, прецизно, јасно, без сензационализам, со почитување на етичките правила, на личната болка и трагедија и без дополнително вознемирување и на така вознемирената публика. Но, секој пат има медиуми што не се придржуваат до овие стандарди и прават хаос во медиумскиот простор.