„Кромид“ објава пренесена како автентична изјава на Бени Шаќири

[Рецензија: Бени Шаќири „извиси” за МКЦ: Не сум јас
Владо, Тамара, Елена… Имам принципи]

За конкурсот за директор на МКЦ, кој дигна голема врева во јавноста затоа што на него се пријави Арбен Бени Шаќири, сега, откако конкурсот е поништен, повторно се крева врева, но овој пат заради споделување лажна изјава на Шаќири.

Линк до оригиналниот напис: Бени Шаќири „извиси” за МКЦ: Не сум јас
Владо, Тамара, Елена… Имам принципи

Датум и време на објавување: 21.11.2019

Датум на рецензија: 22.11.2019

Рецензент: Симона Атанасова

За изборот на директор на МКЦ, за што беше објавен конкурс во февруари, реагираа голем број уметници и културни работници и напишаа отворено писмо до премиерот Зоран Заев барајќи досегашниот директор Русе Арсов да остане на чело на културната институција, а не Арбен Бени Шаќири. Оттогаш почна и кампањата на социјалните мрежи насловена: „#НеГоЧепкајтеМКЦ“.

Пред неколку дена Град Скопје го поништи конкурсот со образложение дека пријавите биле нецелосни и нема информации кога ќе биде распишан нов.

На фејсбук-страница, која објавува саркастични и хумористични постови, беше напишана објава, која е претставена како изјава на Бени. Читајќи ја објавата, брзо станува јасно дека изјавата не е автентична, туку е намерно смислена во саркастична форма, популарно позната како „кромид вест“.

Не само што е јасно дека објавата е лажна со самиот начин на кој е напишана туку тоа станува уште појасно кога ќе се види на кое место е објавена. Тоа е фејсбук-групата „Пост Вистина“, каде што сите објави се од ваков вид, па не е можно да се направи забуна и да се помисли дека изјавата навистина ја дал Бени.

Никој не забранува да се објавуваат саркастични објави на веб-страници и фејсбук-групи наменети за тоа и каде што јасно пишува дека веста е таква  – „кромид“. Но, проблем настанува кога некој медиум ќе се налепи на таква објава, ќе помисли дека е вистинска и без да ја провери ќе ја објави. Овој пат такво нешто направи порталот „Експрес“, кој саркастичната објава на „Пост Вистина“ ја објавил на својата веб-страница како да е автентична изјава на Бени Шаќири.

Со  објавување лажна изјава се манипулира јавноста да поверува дека работите што се објавени навистина ги изјавил Бени и со тоа го нарушува неговиот углед.

Во изјава за „Критинк“, Шаќири ни потврди дека никогаш не дал таква изјава и оти таквите објави во медиумите се невкусни, малициозни, тенденциозни, па дури и шовинистички.

Сешто направија против мене, а на никого не му дадов ниту милиметар повод за таков атак врз мене како човек што никому, никогаш не направил нешто лошо. Во ова наше распаднато, гнило и поделено општество сè е можно и ваквите написи се очекувани. Ќе барам легитимен законски начин да се расчистат ваквите небулози, вели Шаќири за „Критинк“.