Јанева навистина разговарала со Халачи?

Делумните и непотврдени информации не му служат на правилното и објективно информирање. Тие може да ги збунат читателите повеќе отколку да ја постигнат целта на објективно информирање. Написот што го разгледуваме има недостиг од податоци, непотврдени информации и манипулативен наслов.

 

Линк до оригиналниот напис: „Еве што му рече Јанева на скајп на Шек Халачи“  Ja çka i tregoi Katica Janeva në skype Shek Hallaçit

Датум на објавување: 8.11.2019

Датум на рецензија: 14.11.2019

Рецензира: Фатлуме Дервиши 

Од статус проследен со фотографија на корисничкиот профил на „Фејсбук“ на Шек Халачи, авторот на статијата извлекол ваква констатација:

Шек Халачи, затвореник од групата од Куманово, комуницираше со Катица Јанева на „Скајп“, која исто така е во затвор – пишува во текстот.

Подолу е целосниот текст на Шек Халачи, но никаде не се прецизира дека станува збор за разговор на „Скајп“. Овој впечаток можеме да го добиеме само од фотографијата и контекстот во кој е користен, но објавувачот не го објаснува тоа. Воедно, не може да се оцени дали фотографијата е вистинска или е монтажа.

Проблематичен наслов

Освен што недостасува официјална или неофицијална потврда дека навистина имало разговор на „Скајп“ помеѓу поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и еден од осудените за случајот Куманово со корисничко име на социјалните мрежи Шек Халачи, проблематичен е и насловот. Со насловот читателите се доведуваат во заблуда со тврдењето – „Еве што му рече Катица Јанева на Скајп на Шек Халачи“, а во текстот такви информации нема. Во целосниот текст на постот на „Фејсбук“ се поставуваат некои прашања, а во вториот дел се наведуваат некои констатации на Шек Халачи.

„Кому му пречи објавувањето на вистината за 9 мај во Куманово? Зошто Али Ахмети никогаш не побара меѓународна истрага за предавството на 9 мај? Кои беа условите што Али Ахмети ги барал од Заев за формирање на владата и дали застојот на процесот и немањето меѓународна истрага за случајот Куманово е една од точките што Ахмети ги бараше за нејзино формирање? Зошто Али Ахмети не пролеа ниту една солза и не спомна ниту еден збор како знак на слава за убиените во Куманово? Зошто Али Ахмети го мачи толку овој случај, зошто не дозволува да се обелоденува?“– пишува во написот што го разгледуваме.

Техники на манипулација

Во написот се користени само селективни докази и не дава целосен и јасен преглед. Намерно или ненамерно, воведот во текстот авторот го оставил со само една реченица, што не кажува доволно.

За читателите

Кога читателите ќе кликнат на наслов каков што е овој, сакаат да ги добијат информациите што насловот „им ги ветува“. Кога, колку и за што разговарале Јанева и Халач на „Скајп“? Како е овозможен разговорот технички, бидејќи обајцата се затвореници, а законски не смеат да имаат комуникациска опрема? Зошто не е потврдена автентичноста на фотографијата? Секој што го чита текстот ги поставува овие прашања за да се добијат пообјективни информации, покрај личните ставови и мислења на Халач, објавени на „Фејсбук“.

Во отсуство на вакви информации, текстот е нецелосен, а обврската и мисијата за објективно информирање на јавноста не се исполнети.